Собранието гласаше за двајцата нови министри. По предлог на премиерот Мицкоски, пратеникот Беким Сали се откажа од својот пратенички мандат од пратеничката група на ВЛЕН за да премине во извршната власт како министер за европски прашања, на местото на министерот Орхан Муртезани, кој беше разрешен на истата собраниска седница.
Во меѓувреме, Мухамет Хоџа беше именуван за министер за екологија на местото на Изет Меџити, кој на локалните избори стана градоначалник на Чаир.
„Денес пред вас го поднесувам предлогот за избор на двајца министри со цел целосно функционирање и екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучните ресори на централната власт“, вели претседателот на Влада, Христијан Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги констатираше двата избора со гласовите на мнозинството.
„Предлогот Мухамет Хоџа да биде избран за министер за животна средина и просторно планирање го ставам на гласање. Ве повикувам да гласате! Вкупно гласаа 72 пратеници, сите ’за‘, нема ниту еден ’против‘ ниту ’воздржан‘. Констатирам дека Мухамет Хоџа е избран за министер за животна средина и просторно планирање“, вели Африм Гаши, претседател на Собранието.
„Предлагам Беким Сали да биде избран за министер кој ќе раководи со Министерството за европски прашања и го ставам предлогот на гласање. Ве повикувам да гласате! Вкупно гласаа 71 пратеник, сите гласаа ’за‘, без ’против‘ и без ’воздржани‘. Констатирам дека Беким Сали е избран за министер кој ќе раководи со Министерството за европски прашања“, Африм Гаши, претседател на Собранието.
Откако Сали седна покрај премиерот Мицкоски, кој заедно со Хоџа му честиташе, двајцата положија заклетва. Двајцата нови министри ги одржаа своите процедурални обраќања на два јазика – на македонски и на албански.
Со самото тоа, Беким Сали автоматски станува и прв вицепремиер.
„Изјавувам дека функцијата министер за европски прашања во Владата на Република Северна Македонија ќе ја извршувам совесно и одговорно и ќе ги почитувам Уставот и законите на РСМ“, изјави новиот министер за европски прашања Беким Сали во својата заклетва.
На гласањето му претходеше дебата со говори на пратениците од опозицијата – од НАИ и СДСМ – и реплики од пратениците на ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ. Првите ги оценија промените како неуспешни, а вторите како реформи во извршната власт.







