Насилството во училиштата веќе нема да завршува само со педагошки мерки и укори. Владата подготвува законски измени со кои директна одговорност ќе сносат и родителите, и тоа преку парични казни од 250 евра за секој случај на насилно однесување што ќе го направи нивното дете.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска потврди дека измените на Законот за основно образование се во завршна фаза и веќе се усогласуваат во Собранието. Според неа, санкцијата нема да се применува само кога ученикот ќе изврши насилство, туку и во ситуации кога родителите одбиваат комуникација и соработка со училиштата, стручните служби или институциите.
„Останува казната од 250 евра за секое сторено насилно дело на детето да биде казнет родителот, но и кога родителот ќе одбие да соработува со училиштето и другите институции“, изјави Јаневска, посочувајќи дека државниот секретар веќе работи со пратениците на финализирање на законските решенија.
Предлог-измените доаѓаат во период на силна вознемиреност во јавноста по серијата тешки инциденти меѓу ученици. Особено шок предизвика случајот во скопската населба Ченто, каде деветтоодделенец беше избоден со нож од поранешен ученик и се бори за живот. Дополнителен револт предизвика и насилството во Ѓорче Петров, каде група деветтоодделенки безмилосно нападнаа шестоодделенка.
Во Министерството оценуваат дека досегашните механизми не даваат резултати и дека е неопходна поостра политика која ќе ја вклучи и одговорноста на семејството. Новите измени, според најавите, треба да испратат јасна порака дека игнорирањето на проблемот или избегнувањето соработка повеќе нема да поминува без последици.








