HomeРегионРеформите во трка со рокот – „висат“ над 49 европски милиони за...

Реформите во трка со рокот – „висат“ над 49 европски милиони за Македонија 

- Advertisement -spot_img

ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН РИЗИКУВААТ ДА ЗАГУБАТ 700 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ПЛАНОТ ЗА РАСТ АКО НЕ ГИ ЗАСУКААТ РАКАВИТЕ ДО ЈУНИ 

Предупредувачкото писмо од еврокомесарката Марта Кос ги стави земјите од Западен Балкан под силен притисок да испорачаат резултати за да не останат без повеќе од 700 милиони евра или речиси 12 % од целиот пакет од Планот за раст, вреден 6 милијарди. Парите од европскиот План не се гарантирани, туку зависат од конкретни и навремени реформи. Роковите се ближат, а јуни се наметнува како клучен момент за одлука дали ќе се искористат средствата или ќе се загубат. Македонија уверува дека го забрзува процесот и очекува позитивни оцени за најголем дел од реформските чекори

Шесте земји од Западен Балкан се соочуваат со сериозен ризик да загубат повеќе од 700 милиони евра од европскиот План за раст доколку навреме, до средината на годината, не ги спроведат договорените реформи. Предупредувањето дојде од еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која преку писмо до владите во регионот јасно порачала дека истекува времето и дека финансиската поддршка е директно условена од конкретни резултати. Таа побарала од сите да ги забрзаат реформите предвидени со Планот за раст, со цел да се искористи целосниот потенцијал на овој финансиски пакет. Регионалните медиуми пишуваат дека влогот е значителен – вкупно околу 710 милиони евра или речиси 12 % од целиот пакет вреден 6 милијарди евра, наменет за забрзување на економскиот раст во регионот.

Повикувајќи се на неофицијални информации од Брисел, Радио Слободна Европа објави дека Кос на 17 април испратила писмо со вакво предупредување до сите главни градови во регионот.

– Минатата недела им пишав на властите во регионот да ги забрзаат реформите или нивните граѓани ќе изгубат. Планот за раст е строго базиран на перформанси и е временски ограничен. Во моментов, повеќе од 700 милиони евра се во опасност трајно да бидат изгубени во регионот доколку не бидат завршени реформите до јуни 2026 година или декември 2026 година – изјавила Кос пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).

За Македонија, потенцијалната загуба би била 49,2 милиони евра. Босна и Херцеговина би изгубила најмногу – 373,9 милиони евра, Косово – 68,8 милиони евра, Албанија – 67,7, Црна Гора – 15,1 милион евра и Србија меѓу 108,7 и 135,9 милиони евра.

Писмото на Кос ги „седна на маса“

Предупредувањето од Марта Кос дека земјите од Западен Балкан може да загубат стотици милиони евра, очигледно, ги раздвижи властите во регионот. Со јасна порака дека истекува времето и дека парите од европскиот План за раст се врзани со конкретни резултати, Брисел практично ги „седна на маса“ и ги натера властите во регионот сериозно да ги засукаат ракавите за да го забрзаат темпото на реформите. Три дена по споменатото писмо од Кос, македонските власти го презентираа напредокот во спроведувањето на реформската агенда 2024–2027 пред амбасадорите од земјите членки на ЕУ.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека реформската агенда повеќе не е само план на хартија, таа дава конкретни, мерливи резултати. Мицкоски истакна дека овие реформи не се изолирани активности, туку се дел од поширока трансформација, ја приближуваат нашата економија до Единствениот пазар на ЕУ, ги зајакнуваат институциите во согласност со европските стандарди и носат конкретни резултати за граѓаните и за бизнисите.

– Во изминатиот период го забрзавме спроведувањето во сите клучни области. Неколку чекори се веќе целосно реализирани, додека други напредуваат побрзо од планираното. Ова ги одразува силната политичка посветеност, подобрената институционална координација и јасниот фокус на резултатите. Во јавните финансии, ги зајакнуваме отчетноста и транспарентноста. Институциите повеќе известуваат, посистематски управуваат со ризиците и применуваат построги контроли врз јавната потрошувачка. Во исто време, го модернизираме буџетскиот систем и ги подобруваме планирањето и следењето на јавните инвестиции. Пораката е едноставна: јавните средства се управуваат поодговорно и поефикасно. Остануваме целосно усогласени со Европската Унија, политички, економски и стратешки – објави премиерот по состанокот.

Според првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, земјава бележи значителен напредок во реформската агенда. Тој смета дека од вкупно 21 доставен реформски чекор, за 16 се очекува позитивна оцена, со што би се овозможило ослободување на околу 70 милиони евра финансиска поддршка.

При презентацијата на реформската агенда пред ЕУ-амбасадорите, Сали истакнал дека има напредок во клучните области како што се управувањето со јавните финансии, енергетската транзиција, човечкиот капитал и деловната средина, кои придонесуваат за подобро управување и усогласување со ЕУ-стандардите.

– Истовремено остануваат предизвиците, особено во делот на сложените законски реформи и чекорите во рамките на грејс- периодот – посочил вицепремиерот.

Министерот за правда, Игор Филков, пак, ги информирал дека активно се работи на измени на Изборниот законик, усогласени со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, при што формираната работна група веќе одржала неколку состаноци и усвоила значаен дел од предложените решенија.

Тој истакна дека Законот за Судскиот совет веќе дава конкретни резултати, но предупреди дека клучните закони за Јавното обвинителство, кои добија позитивно мислење од Венецијанската комисија, се блокирани во Собранието. Паралелно се подготвуваат и нов кривичен законик и закон за кривична постапка, кои се усогласуваат со директивите на Европската Унија и ќе бидат испратени на мислење до Европската комисија.

– Наш фокус во овој период се мерките со рок до јуни 2026 година. Работиме интензивно, со јасна динамика и мерливи резултати. Процесот е активен, транспарентен и насочен кон консензус. Консултациите со институциите и со граѓанскиот сектор се во тек и ќе продолжат со засилен интензитет – истакна Филков.

На средбата со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија, Валентина Суперти, во Будва и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, посочил дека интензивно се работи на реформите во јавната администрација. Тој ја потенцирал стратешката определба на Министерството и на Владата за изградба на ефикасна, транспарентна и професионална јавна администрација, целосно усогласена со европските стандарди и вредности.

Јуни – критична точка

Финансиската поддршка од Планот за раст на Европската Унија не е неограничена, таа е строго врзана со рокови и конкретни реформски чекори. За секоја обврска е утврден јасен временски период во кој треба да се реализира, по што следува исплата на соодветниот дел од средствата. Европската комисија предвиде и т.н. грејс-период, односно дополнително време за завршување на реформите, но и тој има свои граници. Така, за обврските планирани до средината на 2025 година, крајниот рок истекува на 30 јуни оваа година, додека за оние што требаше да бидат завршени до крајот на 2024, рокот се продолжува до крајот на годинава.

Најголемиот дел од земјите во регионот веќе ја добија првата или повеќе транши од средствата, додека единствено Босна и Херцеговина остана исклучок поради доцнењето со усвојувањето на реформската агенда. Крајот на јуни се смета за критична точка – по тој датум, државите што нема да ги исполнат обврските ризикуваат да влезат во т.н. фаза на трајна загуба, што значи дека дел од средствата ќе им бидат неповратно загубени.

Пред една година, тогашниот министер за европски прашања, Орхан Муртезани, на прес-конференција по повод една година Влада, истакна дека европските средства не се под закана, но може да бидат ако во дополнителниот рок од една година реформите не се завршат успешно. Тој рок навршува овој јуни.

– Тоа значи дека во јуни во 2026 година ќе бидат под ризик бидејќи тогаш ќе ги изгубиме, a дотогаш средствата ќе ни бидат на располагање – рече тогаш Муртезани. (В. С. Н.)

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img