Во координирана акција на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР), спроведена на 16 јуни 2026 година под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје во рамки на предистражна постапка за кривичното дело „Терористичка организација“ од член 394-а од Кривичниот законик.
При претресите биле пронајдени и одземени дигитални уреди и друга електронска опрема, кои ќе бидат предмет на понатамошна анализа во истрагата.
Според информациите од надлежните институции, постапката опфаќа пет лица за кои постои основано сомнение дека биле дел од терористичка организација. Против нив е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.
За две од осомничените лица се определени мерки притвор и домашен притвор, додека останатите три лица веќе издржуваат затворски казни или се наоѓаат во притвор во казнено-поправни установи поради претходни кривични дела поврзани со тероризам.
Од АНБ информираат дека активностите се преземени врз основа на претходно обезбедени разузнавачки информации, како и податоци добиени преку меѓународна стратешка соработка со партнерски служби.
Според сознанијата на Агенцијата, осомничените дејствувале како идеолошки поддржувачи на терористичката организација „Исламска држава“, при што воспоставувале контакти со нејзини медиумско-пропагандни канали и работеле на создавање локална мрежа за ширење екстремистички и насилни наративи. Целта, според истрагата, била поттикнување и поддршка на терористички активности на територијата на државата.
Дополнително, членовите на групата наводно обезбедувале логистичка поддршка на лица кои претходно биле опфатени со контратерористички операции на АНБ.
Од Агенцијата нагласуваат дека остануваат посветени на својата превентивна мисија за навремено откривање и спречување на ризиците и заканите по националната безбедност, со цел заштита на уставниот поредок и безбедноста на граѓаните.








