Во периодот јануари – април 2026 година, Македонија извезла околу 14,2 милиони литри вино во вредност од 20,8 милиони евра, покажуваат податоците од надворешнотрговската размена.
Во споредба со истиот период минатата година, вредноста на извозот е зголемена за 11%, додека извезените количини бележат раст од 5%. Овие показатели упатуваат дека растот на приходите од извоз не се должи само на поголем обем на продажба, туку и на повисоки просечни извозни цени на македонското вино на меѓународните пазари.
Над 80% од македонските вина се продаваат во регионот
Македонските вина во првите четири месеци од годинава биле пласирани на повеќе од 30 странски пазари, но и натаму најголем дел од извозот е концентриран во регионот. Над 80% од вкупниот извоз завршува во земјите од Југоисточна Европа и Западен Балкан.
Србија останува убедливо најголем извозен пазар за македонските винари со извоз во вредност од 9,1 милион евра, што претставува речиси половина од вкупниот извоз на вино. На второ место е Хрватска со увоз на македонско вино во вредност од 3,6 милиони евра, додека Босна и Херцеговина е трет најголем пазар со извоз од 2,4 милиони евра.
Меѓу најзначајните пазари се и Германија со извоз од 1,8 милиони евра, Австрија со 817 илјади евра, Словенија со 808 илјади евра, Косово со 692 илјади евра и Црна Гора со околу 400 илјади евра. Во првите десет пазари се вбројуваат и Бугарија со 230 илјади евра и Албанија со 199 илјади евра увоз на македонско вино.
Податоците потврдуваат дека винската индустрија останува еден од најконкурентните извозни сектори во земјата, а виното еден од производите со кои Македонија се рангира повисоко на светските извозни мапи.
Најголем извозник на вино од Македонија останува кавадаречката винарница „Тиквеш“. Според последниот финансиски извештај објавен на Македонската берза, компанијата во првиот квартал од 2026 година остварила извоз во вредност од 8,1 милиони евра, што претставува раст од 19% во споредба со истиот период минатата година.
Податоците покажуваат дека „Тиквеш“ има значаен удел во вкупниот македонски извоз на вино и останува еден од главните носители на извозните резултати на домашната винска индустрија на странските пазари.








