Државата собира над 200 милиони евра даноци годишно за заштита на животната средина, но според последните податоци од Заводот за статистика овие средства најмногу се должат на давачките поврзани со енергетиката и транспортот, а најмалку преку инструментите засновани на принципот „загадувачот плаќа“. За првпат во 2018 година е надминат прагот од 200 милиони евра собрани даноци за заштита на животната средина, а во 2024 година за првпат се собрани над 250 милиони евра во соодветни давачки за енергенти, транспорт и загадување. Иако во оваа „класа“ на даноци спаѓаат и давачките за експлоатација на природни ресурси, засега нема податоци за даночни приливи по основ даноци за природни ресурси, а чие користење води до трошење на природните ресурси.
Во 2024 година, најголемо учество во даноците за животната средина имаат даноците за енергенти со 59.5%, по што следат даноците за транспорт со 39.6 % и даноците за загадување со 0.9 %.
Учеството на даноците за животната средина во бруто-домашниот производ во 2024 година е 0.9 %.
Според информациите на МЖСПП даноците поврзани со животната средина во континуитет имаат мал, но релативно стабилен удел од 6 до 7 отсто во вкупните даночни приходи во нашата земја и се движат во рамките на европскиот просек во вкупните даночни приходи од околу 6.25 отсто.
Анализата на структурата на еколошките даноци покажува дека главни носители на приходите се даноците за енергенти и оние за транспорт, додека даноците за загадување и за користење природни ресурси имаат сосема занемарливо учество. Во рамките на главните категории, приходите остварени од енергентите континуирано се за речиси 50 отсто поголеми во споредба со приходите од транспортниот сектор.
Ако се анализира последната декада се забележува раст на вкупните приливи од даноците поврзани со заштита на животната средина од вкупно 55,28%. Дел од овие даночни приливи треба да се искористат за одржлив развој, зелена транзиција и имплементација на принципите „загадувачот плаќа“.
Токму основите за давачките поврзани со предизвикано загадување треба да се развиваат, за поголема заштита на животната средина и поголема одговорност кај загадувачите, како и преземање системски мерки за мониторинг, анализи и санкции.
Најголемиот дел од овие средства (околу 95% од вкупната сума), кои доаѓаат од даноците за енергенти (акцизи на горивата) и транспортните даноци (регистрација на возила, патарини), имаат изразено фискален карактер. Тие се слеваат во централниот буџет и се користат за финансирање на општи буџетски потреби (плати во јавна администрација, пензии, социјални трансфери, административни трошоци), исто како и ДДВ-то или персоналниот данок.
Националните и меѓународните извештаи (вклучително и наодите од Државниот завод за ревизија – ДЗР, како и извештаите на Европската Унија за напредокот на земјата) редовно констатираат дека државните политики за животна средина страдаат од недостаток на стратегиско планирање и мерливи индикатори за успешност.
Самата „зелена и праведна транзиција“ во земјата воглавно се потпира на странски донации, ИПА фондови на ЕУ, меѓународни кредити и поволни заеми од развојни банки, како ЕБРД или Светска банка и други финансиски институции за поддршка на одржливиот раст, а многу помалку на прераспределба на сопствените приходи собрани преку еколошките даноци.
Исто така и иницијативите за формирање на т.н. Зелен фонд кој ќе се полни директно преку овие давачки, а ќе се користи за одржлив социо-економски развој не се остварија, па затоа и тешко е да се „измери“ какви се директните ефекти и подобрувања во заштита на животната средина, намалување на загадувањето и зајакнување на праведната транзиција.






