Нацрт-законот за заштита од пушење, објавен на платформата ЕНЕР, отвори широка јавна дебата и предизвика силни реакции од различни засегнати страни – граѓани, трговци, стопански комори, од маркетинг-индустријата и од експерти. Во коментарите се укажува дека законот може да предизвика сериозни економски, правни и социјални последици, без притоа да гарантираат значаен јавно-здравствен ефект
По информациите дека се одложува новиот закон за заштита од пушењето, од Министерството за здравство соопштија дека не се откажуваат и оти следната недела крајната верзија на законот ќе биде доставена до Владата.
– Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории, велат од Министерството и појаснуваат дека спроведување на законот во фази се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени.
– Целта е институциите, угостителите и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок, објаснуваат од надлежното министерство.
Под објавениот закон се најдоа десетици коментари од сопственици на бензински, кладилници, маркетинг-агенции, киосци, ама и од стопански комори, добавувачи на тутунски производи – секој си ја образложил причината зошто законот треба да се одложи и да оди на доработка.
Закон со добра намера, но со длабоки пукнатини: што покажуваат реакциите на нацрт-законот за заштита од пушење
Дел од граѓаните сметаат дека целосната забрана на ароматизираните загреани тутунски производи не е доволно прецизирана и дека треба дополнително да се преиспита. Според нив, овие производи ги користат исклучиво возрасни пушачи како алтернатива на класичните цигари, со цел да се оддалечат од согорувачкото пушење. Предупредувањето е дека ваквата рестрикција може да има спротивен ефект – дел од корисниците да се вратат на класични цигари, кои, според научните истражувања, се поврзани со највисока изложеност на штетни соединенија поради чадот и процесот на согорување, пишува во еден од коментарите за Законот.
Трговците на мало отворено ја изразуваат својата несогласност со забраната на никотинските цигари и вејп-уредите. Тие посочуваат дека со тоа се ограничува правото на личен избор на полнолетните граѓани и дека мерката не нуди трајно решение. Напротив, постои сериозен ризик од развој на црн пазар и нерегулирана продажба, ставање во неповолна положба на граѓаните кои ги користат овие производи како алтернатива, директна штета врз трговците на мало кои легално работат, плаќаат даноци и вработуваат луѓе. Велат дека особено се погодени малите и семејни бизниси, кои во изминатите години инвестирале значителни средства во уредување на продажниот простор, витрини и безбедносни системи приспособени за продажба на тутунски производи. Со новите ограничувања, овие инвестиции стануваат практично бескорисни, а егзистенцијата на илјадници семејства – доведена во прашање.
Реакции доаѓаат и од маркетинг-агенциите, кои предупредуваат дека забраната за комуникација, организирање и спонзорирање на настани од страна на тутунската индустрија – иако наменети за полнолетна публика – ќе доведе до значително намалување на обемот на работа. Последиците нема да ги почувствуваат само агенциите, туку и поширокиот евент-сектор: логистика, техника, продукција и угостителство, што дополнително го зголемува економскиот ефект од законот, се вели во коментарот на една маркетинг-агенција.
Еден од најчестите приговори е отсуството на преоден период. Малите трговци предупредуваат дека тоа значи нагло раскинување на веќе потпишани годишни договори со дистрибутери, итно преуредување на објектите и отстранување на брендирањето – чекори кои не можат да се спроведат преку ноќ без сериозни финансиски загуби.
Од аспект на јавното здравје, се појавуваат и предлози за заострување на мерките. Дел од коментарите бараат проширување на забраната за пушење не само пред влезовите, туку и во дворовите на градинките и училиштата, со цел поефикасна заштита на децата од пасивно пушење и рана изложеност.
Стопанска комора: закон „пресаден“ од Словенија, но не и применлив
Стопанската комора на Македонија, во својот коментар под Законот, оценува дека нацрт-законот е направен според словенечкиот модел, но без да се земат предвид македонските специфики. Тутунот, потсетуваат, е стратешка земјоделска култура во земјата, државно стимулирана, а во индустријата оперираат две фабрики кои носат значителни буџетски приходи и вработуваат стотици граѓани. Комората укажува на неусогласеност на законот со постојните прописи, особено со Законот за тутун, нејасно дефинирани локации каде пушењето е забрането или дозволено, сериозни економски и финансиски последици по државниот буџет, поттикнување на нелегална трговија и купување на тутунски производи во соседните земји, очекувано намалување на работните места во индустријата, угостителството и малопродажбата, со ризик за повеќе од 4.000 продажни места.
Заклучокот на Комората е дека, иако со добра намера, законот може да создаде правна неусогласеност и сериозни економски штети, без значителен јавно-здравствен бенефит.
Алтернатива наместо забрана: лиценцирани пушачки локали
Како компромисно решение, дел од коментарите предлагаат воведување дополнително лиценцирање за пушачки локали, со строги услови: дозволен пристап исклучиво за полнолетни лица, целосна забрана за малолетници, високо ниво на вентилација и контрола на квалитетот на воздухот со современи сензори (PM2.5, PM10, VOC, јаглерод моноксид). Како пример се наведува Словенија, каде што транзицискиот период траел речиси две децении – од воведување посебни простории за пушење во 2007 година, до целосна забрана дури во 2025 година. Пораката на овој граѓанин во коментарот е дека во држава со слаба спроводливост на законите, преминот „од 0 на 100“ преку ноќ е нереален.
Сериозни забелешки има и за висината и логиката на казните. Се поставува прашањето зошто глобата за одговорното лице (1500 – 2000 евра) е значително повисока од казната за сторителот на прекршокот, и дали управителите реално имаат механизми да спречат индивидуално однесување. „Дополнително, одредбите за висината на глобите се нејасни, а зголемувањето на казната трипати доколку се оди на судска постапка се оценува како обесхрабрување на правото на судска заштита. Контрадикторна е и одредбата за посредување, каде што намалувањето на глобата е врзано за максималниот, а не за минималниот износ“, стои во коментарот на познавач на правото.
Нема кој да контролира и да казнува, во прво време Законот ќе информира место да казнува
Министерот за здравство, Азир Алиу, кој на почетокот многу решително влезе во спроведување на Законот за заштита од пушењето, минатата недела рече дека ќе бил повеќе едукативен отколку казнив.
„Мислам дека е добро на почетокот да им излеземе во пресрет државата и на бизнис-заедницата, односно на угостителските објекти и на произведувачите на тутун, да ги информираме како да ги менуваат чекорите на производството или на услугите, или ќе треба да бидат казнети. И нам како држава ни треба простор и време да се доекипираме, џабе имате закон ако немате инспектори да одат на терен и да казнуваат“, изјави Алиу.
Две тутунски компании се регистрирани како производители во земјава, 60 отсто од тутунот оди за извоз, а 40 отсто останува за домашни потреби. И додека властите велат „ние не го забрануваме пушењето, туку уредуваме каде да се пуши“, предложените решенија, според голем дел од засегнатите страни, се непрецизни, економски ризични и слабо усогласени со македонскиот контекст. (П.А.)








