Прилеп наскоро ќе добие нов простор за возбуда, спорт и забава. Кандидатот за градоначалник на Прилеп, Дејан Проданоски, најави изградба на адреналински парк во Старо Лагово, кој ќе стане ново собиралиште за сите љубители на брзината и активниот живот.
Според најавата, адреналинскиот парк ќе содржи крос-патека, картинг-патека и скејт-парк, со што ќе понуди разновидни можности за спорт, рекреација и адреналински активности за сите возрасни групи.
„Со овој проект, Старо Лагово ќе стане новата дестинација за спорт, забава и активен живот,“ порача Проданоски, додавајќи дека ваквите инвестиции се дел од визијата за модерен и динамичен Прилеп, град кој ги поттикнува младите и создава содржини што го збогатуваат секојдневието на граѓаните.
Проектот се очекува да ја зголеми атрактивноста на прилепското подрачје и да придонесе за развој на спортскиот и рекреативниот туризам, како и за подобрување на квалитетот на живот во градот.









