домаМакедонијаПроблемот на автопревозниците со нивниот престој во шенгенската зона предолго е оставен...

Проблемот на автопревозниците со нивниот престој во шенгенската зона предолго е оставен на бриселските административни толкувања

- Advertisement -spot_img

Западнобалканските превозници решија да почекаат до први септември, само до состанокот на европската влада (ЕК), а потоа…

Западнобалканските превозници повторно го креваат гласот, но оставаат и простор за договор. По состанокот во Скопје, здруженијата на превозници од регионот одлучија да го почекаат 1 септември, кога во Брисел е најавен состанок со претставници на Европската комисија (ЕК).

Од исходот на таа средба, практично, ќе зависи дали незадоволството ќе остане на маса или повторно ќе се пресели на европските патишта
Пораката на превозниците испратена по заедничкиот регионален состанок во Скопје е внимателна и, сепак, многу педантно испратена до највисоките европски институции.

Превозниците не сакаат протести, но се подготвени за нив. И не станува збор за закана со краткотрајна блокада, која ќе заврши по неколку часа или дена. Ако повторно се посегне по протестите, велат тие, овој пат тие ќе траат сè до исполнување на барањата.

Токму во тоа се гледа и новата специфична тежина на ситуацијата. Превозниците очигледно се свесни дека секоја блокада создава штета и за нив и за економиите во кои работат. Но, истовремено, тие сметаат дека проблемот со нивниот престој во шенгенската зона веќе предолго е оставен во зоната на административни толкувања, без јасно и трајно решение.

Заеднички регионален фронт на автопревозниците

Она што е особено важно во новонастанатата состојба е фактот што превозниците повеќе не настапуваат само како одделни национални здруженија. Тие се обидуваат да создадат заеднички регионален фронт. Македонија, Србија и другите земји од Западен Балкан се соочуваат со истата суштинска мака. Имено, професионалните возачи, иако природата на нивната работа подразбира постојано движење низ европските држави, се третираат во рамките на правилата за престој како и секој друг патник. За превозниците, тоа создава парадокс – возачот може да биде неопходен за европскиот транспортен систем, но истовремено да биде ограничен со режим што не ја препознава специфичноста на неговата професија.

– Регионалното организирање затоа не е само синдикална демонстрација на сила. Тоа е и порака до Брисел дека проблемот не е изолиран македонски или српски проблем, туку прашање што го засега целиот транспортен сектор од Западен Балкан. Сепак, токму тука се појавува и одредена разлика во пристапите. Превозниците инсистираат на заедничко решавање на проблемот, додека македонската влада смета дека секоја држава треба паралелно и самостојно да ги брани интересите на своите превозници – велат од „Макамтранс“.

Официјално Скопје со дополнителен ангажман за превозниците од Македонија

Владата, во меѓувреме, не чека само на исходот од Брисел. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски посочува дека Македонија веќе презела конкретни чекори преку билатерални договори со европските држави. Според неговите информации, договори веќе се склучени со Швајцарија, Хрватска и Романија, а преговори се водат со Австрија, Германија и Унгарија. Целта е да се обезбедат долгорочни работни визи за македонските професионални возачи, особено во државите во кои македонските превозници имаат најголем обем на извоз и транзит.

– Тоа е прагматичен пристап. Ако европските правила не можат брзо да се променат, тогаш проблемот да се ублажи преку договори со конкретните земји. Од аспект на македонските превозници, ваквите договори можат да значат помалку неизвесност и полесно планирање на работата – велат официјални претставници од Министерството за транспорт.

Тие додаваат дека целта на ваквите национални официјални ангажмани е институциите на ЕУ да сфатат дека навистина има потреба од системско европско решение.

– Камионот не се движи само меѓу две држави. Тој минува граници, транзитира низ повеќе земји и функционира во европски транспортен простор што бара правила што ќе бидат предвидливи и применливи за сите – додаваат нашите соговорници.

Превозниците, барем во оваа фаза, не бараат укинување на правилото за престој во шенгенската зона. Напротив, тие се согласни со правилото за 90 дена престој во последните 180 дена. Она што го бараат е негово строго и прецизно почитување – „минутата да биде минута, часот да биде час“ – како и јасен рок во кој проблемот конечно ќе биде решен. Токму ова барање ја открива суштината на нивното незадоволство. Не станува збор само за бројката 90. Станува збор за предвидливост. Превозниот бизнис не може да функционира ако компанијата не знае дали нејзиниот возач утре ќе може да продолжи по планираната рута, дали ќе мора да се врати дома и колку време ќе треба повторно да чека за да влезе во Шенген. Во транспортот, секој ден и секој час имаат цена. Задоцнет камион значи задоцнета стока, нарушен договор, повисоки трошоци и потенцијално изгубен клиент.

Сега на потег е Брисел

Затоа состанокот на 1 септември добива значење што ја надминува дипломатската агенда. Тој е нов тест за способноста на Европската комисија да понуди решение за професионална категорија што објективно има специфичен режим на работа. Македонската влада тврди дека со Комисијата е договорено возачите да бидат признаени како професионалци. Ако тоа навистина стане основа за конкретен механизам, тогаш може да се отвори патот кон решение што нема да зависи од различни национални толкувања и од низа билатерални договори. Во спротивно, ризикот од нови протести ќе остане. А овој пат предупредувањата од превозниците се поостри. Тие велат дека протестите нема да бидат прекинати како претходниот пат, туку ќе траат до исполнување на барањата. Тоа би било непосакувано сценарио и за регионот и за Европската Унија. Бидејќи кога ќе застанат камионите, последиците не остануваат на граничните премини. Тие се прелеваат во фабриките, магацините, продавниците и синџирите на снабдување.

Како дојде до проблемот?

Од претставниците на камионските превозници кусо потсетуваат на наметнатиот проблем од Европската комисија.

– Проблемот се отвори со примената на европските правила за краткорочен престој во шенгенската зона – познатото правило „90 дена во последните 180 дена“. Правилото, создадено за регулирање на краткорочниот престој на државјани на трети земји, во практиката создаде сериозен проблем за професионалните возачи од Западен Балкан. Нивната работа по дефиниција е прекугранична. Тие влегуваат во Шенген, излегуваат, транзитираат, повторно се враќаат и често поминуваат значителен дел од работното време на европски патишта. Кога нивното движење се пресметува исклучиво според општиот режим за престој, транспортните компании се соочуваат со ограничувања што директно влијаат врз организацијата на превозот. Последиците веќе се почувствуваа. Повеќе неизвесност, промени во маршрутите, зголемени трошоци, проблеми со распоредот на возачите и страв дека некои од транспортните компании ќе бидат принудени да го намалат обемот на работа или да бараат алтернативни пазари. Токму затоа сегашната ситуација е своевидна трка со времето. Превозниците од Западен Балкан се организираат, владите бараат свои решенија, а Брисел треба да покаже дали проблемот може да се реши пред незадоволството повторно да ги затвори европските патишта. До 1 септември останува дипломатскиот простор. По 1 септември, доколку нема конкретен резултат, просторот за маневар ќе биде сè помал. А за транспортот, како и за европската економија, најскапото нешто е токму – неизвесноста – брифираат претставници од камионските превозници.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img