Последна пленарна седница пред почетокот на изборната кампања. Пратеничките прашања на опозицијата фокусирани на аферата со прислушувањето. Филипче бара декласификација, Мицкоски вели-не сум јас тој што декласифицира…
Зошто не дозволите декласификација на материјалите за прислушувањето и следењето-прашање од собраниската говорница од лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче до премиерот Мицкоски. Јавен интерес е, смета Филипче, јавноста да знае ако имало злоупотреба. Смета дека е недозволиво тоа што ниту во АНБ, ниту во Агенцијата за разузнавање пратениците не ги добија на увид спорните материјали.
Некој повторно ве носи во длабокото. Не сум јас тој што декласифицира-директен одговор од шефот на владата, Мицкоски. Следењето не било од скоро, се следела опозицијата, но и министри во владата на СДСМ – појасни премиерот.
Во меѓувреме, во спорните материјали за следење и прислушување на премиерот Мицкоски, увид врши Обвинителството. Според премиерот, Обвинителството е тоа кое може да декласифицира доверливи документи.







