Преносна батерија се запали во патнички авион на „Чајна Истерн Ерлајнс“ веднаш по слетувањето на меѓународниот аеродром Гуиџанг Лонгдонгбао во Кина, но никој не е повреден во инцидентот.
Пожарот избувнал на летот кој летал од Ланџоу до Гуијанг, објави порталот „Саут Чајна Морнинг Пост“.
Според кинеските медиуми, батерија во рачниот багаж на патникот се запалила додека авионот бил паркиран на терминалот. Екипажот во кабината брзо реагирал и го изгаснал пожарот пред патниците да го напуштат авионот, а на местото на настанот дошле и аеродромските пожарникари.
Авионот претрпел мала штета од чад.
Патниците изјавиле дека имало кратка паника меѓу патниците, но дека екипажот останал смирен и дал јасни инструкции.
Компанијата „Чајна Истерн Ерлајнс“ дозволува внесување на преносни батерии исклучиво во рачниот багаж, но забранува нивно складирање во горните прегради над седиштата, како и нивна употреба за полнење електронски уреди за време на летот, пренесува Танјуг.
Во 2025 година, Кина ги заостри правилата за внесување литиумски батерии во домашните летови по повеќекратни инциденти на нивно спонтано согорување, вклучително и забрана за преносни батерии без задолжителна кинеска сертификација за безбедност (3C) или со неважечки ознаки.






