Премиерот на сараевскиот округ, Нихад Ук, поднесе оставка под притисок на барањата на стотиците демонстранти по сараевските улици, кои бараа одговорност за трамвајската несреќа што се случи минатата недела. Во несреќата загина маж, а девојка се бори за живот.
– Младите луѓе го кренаа својот глас против Владата што ја водам. Пораката на моите сограѓани, пораката на младите луѓе е важна за мене. Секако ,поважна од мојот став. И кога избирам помеѓу гласот и храброста на младите луѓе, од една страна, и мојот став, од друга страна, изборот е јасен – рече Ук за својата оставка.
Тој рече дека „длабоко верува“ дека на сите во БиХ, како и во соседните земји, „би им било подобро ако понизно го слушаме гласот на младите луѓе што излегоа на улиците“.
По првичниот собир во Националниот музеј, во чија близина се случи несреќата, демонстрантите го блокираа сообраќајот и се упатија во колона низ центарот на градот, застанувајќи пред Претседателството на БиХ, седиштето на Окружното обвинителство, кое ја води истрагата, и Окружниот суд.
Обвинителството смета дека човечкиот фактор, имено возачот на трамвајот, Аднан Касаповиќ (48), е одговорен за несреќата и затоа побара од Судот да му одреди едномесечен притвор. Судот одби и во неделата го ослободи да се брани од слобода.








