Кривичниот суд на 22 септември ќе ја објави пресудата за второобвинетата онкологот Мери Пешевска, која на минатото рочиште призна вина за случајот „Онкологија“. Таа заедно со екс директорот на Онкологија Нино Васев, како и Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски е обвинета за несовесно лекување пациенти. Обвинетата Пешевска на денешното рочиште рече дека целиот свој живот го посветила на пациентите.
Мери Пешевска-обвинета: „Досега сме имале почит кон колегите и оттука јас од мојата небрежност и невниманието сум ги ставила своите лични податоци на располагање и истите биле злоупотребени. Сакам да кажам дека од тогаш, доколку се тргнам од амбуланта печатот е со мене и се исклучувам од систем и го гасам компјутерот. Мој термин, порано на шалтер закажуваа прегледи, сега исклучиво тоа го правам јас.“
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска во завршни зборови посочи дека обвинетата изразила искрено признание и каење и во текот на целата постапка и пред ЈО и во Судот има примерно поведение, но наведе и отежнителни околности.
Ана Гоговска Јакимовска-обвинителка: „Последиците од дејствијата е што кај седум пациенти дошло до нарушување на здравјето. Како онколог имала зголемена должност на внимание, како и тоа дека неовластениот пристап и користење на факсимилот се случувало во континуитет. Имајќи ги в предвид сите околности и признание на вина ЈО предлага Судот да ја прогласи за виновна и казни согласно закон.“
Одбраната на Пешевска, адвокатот Влатко Китановски, вели дека истата не може да се осудува за момент на небрежност, кога цел работен век им служела на пациентите.
Влатко Китановски-адвокат на Мери Пешевска: „Таа не се товари дека давала и препишувала несоодветна терапија, тоа е другиот дел од обвинението кое се однесува за останатите обвинети. Оваа минорна грешка немала за цел да нанесе штета на никого, туку било воведена како пракса во работењето на Онкологија, а воедно и на другите клиники кадешто докторите имаат доверба најнапред меѓусебе и колегите и не може никако да се посомнева ниту таа, ниту другите дека некој ќе ги злоупотреби.“
За делото што ѝ се става на товар на Мери Пешевска се предвидува казна затвор до три години. Таа на минатото рочиште призна вина, додека пак Нино Васев, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски негираа вина. Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска.






