домаМакедонијаПред 34 години е избрана првата Влада на независна Македонија

Пред 34 години е избрана првата Влада на независна Македонија

- Advertisement -spot_img

На 4 септември 1992 година, Собранието на Република Македонија ја избра Владата на чело со Бранко Црвенковски, само една година по прогласувањето на независноста на државата.

Станува збор за првата политичка влада во независна Македонија, откако претходната влада на Никола Кљусев била формирана како експертска, односно компромисна влада.

Црвенковски мандатот го добил од претседателот Киро Глигоров, а пред пратениците ја образложил програмата и предложениот состав на новата влада. Во стенографските белешки од собраниската седница е запишано дека составот бил резултат на меѓупартиски договори и усогласувања.

Владата била избрана со 72 гласа „за“, пет „против“ и еден воздржан глас.

Црвенковски тогаш имал само 29 години, со што станал најмладиот премиер во дотогашната политичка историја на Македонија. Владата ја сочинувале претставници на повеќе политички партии, меѓу кои СДСМ и ПДП, а меѓу министрите биле и личности кои подоцна ќе имаат значајни улоги во македонскиот политички и јавен живот.

Меѓу членовите на владата биле Денко Малески како министер за односи со странство, Владо Поповски за одбрана, Љубомир Фрчкоски за внатрешни работи, Џевдет Хајредини за финансии, Димитар Бајалџиев за образование и физичка култура, Аслан Селмани за наука, Ѓунер Исмаил за култура и Јован Тофовски за здравство. Во составот биле и Гордана Силјановска, тогаш како министер без ресор, како и повеќе други министри и потпретседатели.

Но, новата влада не ја презела државата во мирни и стабилни услови. Македонија во тој период се наоѓала во исклучително сложена економска и политичка ситуација. Државата штотуку излегувала од југословенската федерација, а институциите на независната држава допрва се граделе. Истовремено, земјата се соочувала со сериозни економски проблеми, прекинати економски врски со поранешните југословенски републики и меѓународна неизвесност.

Едно од најважните прашања пред новата влада било меѓународното признавање на државата. Македонија во тој момент сè уште не била примена во Обединетите нации, а спорот со Грција околу името претставувал една од најголемите пречки во нејзиното меѓународно позиционирање. Владата истовремено морала да работи на заокружување на институциите на независната држава и на решавање на прашањето со македонските регрути и припадници на ЈНА.

Во домашната политика, изборот на новата влада бил резултат на сложени преговори. Претходно, по падот на владата на Никола Кљусев, биле направени обиди да се формира нова влада, но без успех. Собраниската расправа од тие денови покажува колку била остра политичката атмосфера и колку несогласувања имало околу составот и политичката насока на новата влада.

Владата на Црвенковски ќе остане запаметена како влада на првите години од независноста – период во кој Македонија истовремено градела државни институции, се обидувала да ја стабилизира економијата и да обезбеди меѓународна позиција.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img