Меѓу 3,6 и 7 отсто е поскапа празничната трпеза во Грција во споредба со лани, но сепак, Грците, барем оние со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, не дозволуваат ова поскапување на цените да им влијае и да им го расипе божиќното и новогодишно расположение.
Центарот на Атина, како во пресрет на Божиќ, така и сега, во пресрет на Нова година е исполнет со Грци, кои или бараат во последен момент подароци за најблиските или ги купуваат неопходните производи за празничната трпеза или едноставно, излезени се на прошетка да уживаат во празничната атмосфера.
– Веќе години наназад подароците за празниците се исклучиво за најблиските и се симболични. Ништо скапо, бидејќи да не заборавиме, важен е гестот, вели повозрасна Гркинка.
Семејната вечера како за Бадник, така и за Нова година, е традиција во Грција, а годинава празничната трпеза за шест до осум лица чини од 111,97 до 160,03 евра, што е од 3,6 до 7,1 отсто поскапа од лани, според податоците од Институтот за трговија и услуги на Грчката конфедерација за трговија и претприемништво.
Најголемо поскапување на цените во споредба со лани има кај јагнешкото и телешкото месо, за 18,2 и 16,7 проценти, а свинското месо е за 9,4 отсто поскапо, што воедно влијаат на зголемувањата на цените.
Поскапо е и фета сирењето, но и пијалаците како пивото и виното.
Празничната трпеза во Грција најчесто содржи: пити, салати, месо, или мисиркино или свинско, но и традиционалните празнични колачиња.
Според податоците од Институтот за трговија и услуги на Грчката конфедерација за трговија и претприемништво мисиркиното месо е од 6,50 до 17 евра во зависност од тоа дали е смрзнато или свежо, додека, пак, свинското е од 6 до 15,50 евра.
Во однос на традиционалните празнични колачиња, слатките карактеристични за Божик и Нова година, популарните меломакарона, односно печените колачи со мед и гурабиите, цените се меѓу 0,9 и 3 отсто повисоки од лани.
– Ми се чини дека секоја година цените се сè повисоки, но што да правиме, празници се, можеби нема да купиме толку многу работи како пред неколку години, но празниците ќе ги прославиме онака како што е традиција, коментира Грк за МИА.
Според анализите во грчките медиуми, празничната трпеза годинава е една од најскапите во последните неколку години.
Не е мал бројот и на туристи кои Атина ја избираат за нивна празнична дестинација
Мала прошетка низ центарот на Атина е доволна за да се утврди дека грчката метропола е и празнична дестинација, со оглед на тоа што не е мал бројот на туристи кои одбираат Божик и Нова година да ги поминат токму тука.
Посетата на Акропол и останатите историски локации ги комбинираат и со празничните локации, божиќните паркови, но и централниот плоштад Синтагма што веќе еден месец е во новогодишно руво.
Пред еден месец, за време на осветлувањето на новогодишната елка во центарот на Атина, градоначалникот на Атина Харис Дукас на прашањето на дописничката на МИА дали грчката метропола може да се вброи во новогодишните туристички дестинации, посочи дека исполнетоста на хотелите во Атина говори сама по себе.
– Не е потребно да им кажам на туристите дека е новогодишна дестинација, бидејќи веќе имаме многу туристи. Исполнетоста во хотелите е 70-80 отсто и ова покажува дека Атина е дестинација 12 месеци во годината, бидејќи е гостопримлив град, бидејќи е град со различни бои, со специфични населби, посочи тогаш Дукас.
Празничната атмосфера во грчката метропола ја надополнуваат и низа тематски паркови и општинскиот божиќен маркет.
МИА







