Седницата за пратенички прашања во Собранието и денеска беше прекината по серија процедурални обраќања и расправии меѓу пратениците.
Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците, крилото на Зијадин Села, повторно побара премиерот Христијан Мицкоски да ѝ одговори на прашањето што му го поставила на претходната седница.
Според Даути, токму непостапувањето на премиерот е причината за блокадата на работата на Собранието.
„Седницата ја блокира премиерот. Да ми одговореше на прашањето, немаше повеќе да излегувам на говорница“, изјави Даути.
По неколку процедурални обраќања од други пратеници, Даути повторно побара збор. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, наместо неа го повика пратеникот Халил Снопче за процедурално обраќање, но на говорницата повторно излезе Даути.
По новата расправија во пленарната сала, Гаши ја прекина седницата и даде пауза од 30 минути.






