Обилните дождови што ја зафатија Бугарија предизвикаа сериозни поплави и вонредна состојба во повеќе региони, откако неколку реки излегоа од своите корита и поплавија куќи, дворови, улици и индустриски зони.
Најкритична е состојбата во Велико Трново, Габрово, Априлци и Севлиево, каде властите прогласија вонредна состојба поради интензивните врнежи. Реката Јантра во текот на ноќта се излеала од коритото, при што биле поплавени бројни објекти долж нејзиниот тек.
Влезот во Велико Трново од правец на Стара Загора е затворен, а воспоставени се обиколни патишта. Во Дебелец се поплавени стадионот и индустриската зона, како и квартот „Асенов“.
Полициски и спасувачки екипи цела ноќ им помагале на граѓаните да ги преместат своите автомобили, додека властите предупредуваат дека состојбата останува критична поради големите количества вода што се очекуваат од Габрово, каде нивото на Јантра продолжува да расте.
Во селото Шемшево, пожарникарите спасиле 17-годишно момче кое влегло во реката Јантра. Тоа било извлечено со помош на нуркачи и се наоѓа во добра здравствена состојба. За само половина час во регионот наврнале околу 80 литри дожд на метар квадратен, додека во Килифарево биле измерени дури 125 литри. Јужниот влез во градот кон Русе исто така е затворен.
Поплави се регистрирани и во Ловеч, каде реката Вит се излеала и поплавила подруми и дворови во еден кварт на Тетевен.
Критична е состојбата и во Априлци, каде се излеале две од трите реки во градот. Во Севлиево започна евакуација на населението од улицата „Крајбрежна“ и околните улици, откако водата навлегла во урбаните делови на градот.
На одредени места нивото на водата достигнало и до 1,20 метри, а поради поплавите е прекинато водоснабдувањето и снабдувањето со електрична енергија во некои села.
Локалните власти повикаа доброволци да помогнат во изградба на насипи покрај речните корита, а граѓаните кои имаат можност беа повикани веднаш да ги напуштат своите домови или да побараат помош од надлежните служби.
Метеоролозите предупредуваат дека врнежите повторно ќе се интензивираат во текот на денот и утре, особено во централна и северна Бугарија. За регионите Велико Трново и Габрово е издаден портокалов аларм за опасни врнежи, додека жолт аларм останува во сила за Ловеч и делови од Враца, Монтана и Плевен.
Според прогнозите, од понеделник времето постепено ќе се стабилизира.








