Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, реагираше велејќи дека снимките од погребот на Ратко Младиќ во Белград се „шокантни“ и дека елементите на официјална поддршка, како и присуството на неколку високи српски функционери на погребот, се за „длабоко жалење“. Фон дер Лајен напиша на социјалната мрежа X дека снимките од Белград, од погребот на Ратко Младиќ, покажуваат неуспех да се соочиме со „мрачното поглавје од поновата европска историја“ и се во спротивност со вредностите кои го поддржуваат патот на Србија кон Европската Унија.
„Ратко Младиќ беше осуден воен злосторник. Тој беше одговорен за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото. Тој почина додека ја издржуваше казната доживотен затвор за геноцидот во Сребреница и други злосторства“, порача Урсула фон дер Лајен.
Реагираше и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. И тој во објава на социјалната мрежа X рече дека снимките од погребот се шокантни, нагласувајќи дека Младиќ бил одговорен за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.
„Елементите на официјална поддршка и присуството на неколку високи српски функционери на погребот се длабоко разочарувачки. Тие покажуваат неуспех да се соочиме со едно мрачно поглавје од поновата историја на Европа и се во спротивност со вредностите врз кои се темели патот на Србија кон Европската Унија“, вели Антонио Кошта.
Инаку, Младиќ почина на 27 август, додека ја издржуваше казната доживотен затвор во Хаг за геноцидот во Сребреница, воени злосторства и злосторства против човештвото.
Иако ЕУ претходно ја предупреди Србија против глорифицирање на осудениот воен злосторник, сепак нему му беа оддадени бројни почести, како во медиумите, така и во јавноста.
Меѓу оние кои дојдоа да му оддадат почит беа и министрите за одбрана, култура, правда и труд, синот на Александар Вучиќ, како и рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, претходно ја откажа планираната посета на Белград, закажана за 10 септември.//TV21






