Независниот синдикат на полицијата (НСП) денеска официјално поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица, Р. M. и Ф.М., поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Синдикатот бара итна реакција од правосудните органи и одредување мерка притвор за пријавените.
Според содржината на кривичната пријава, инцидентот се случил на 03.02.2026 година за време на протести во Битола. Пријавените, преку изјави во медиумите и на социјалните мрежи, упатиле директни закани дека ќе ги нападнат полицајците доколку тие се обидат да го спроведат законот и да им ги одземат возилата.
Ф.М.: Во својата изјава признал дека 30 години управува возило без возачка дозвола и се заканил со „тепачки и убиства“ доколку некој се обиде да му го одземе возилото.
Р.М.: Упатил вулгарни и експлицитни закани кон полицијата, најавувајќи дека „ќе ја тепаат полицијата овдека“ и дека „ќе горат овде во Македонија“.
НСП во својот допис до Обвинителството потенцира дека очекуваат ист аршин на постапување како во случаите кога се гонат полициски службеници.
Синдикатот предлага лицата веднаш да бидат повикани како осомничени и за нив да се побара притвор за да не го повторат делото или да го извршат тешкото кривично дело кое го најавуваат.
Како доказ кон пријавата се доставени извадоци од видео материјалите со изјавите на лицата.
Од НСП порачуваат дека доколку Обвинителството не постапи во најкус рок, нивното непостапување „нема да остане незабележано“.
„Кривичното дело е сторено спрема службени лица во вршење на службата и спрема повеќе лица, со што е исполнето битието на делото ‘Загрозување на сигурноста’ согласно член 144 став 3 од КЗ на РСМ“, се наведува во пријавата потпишана од НСП.









