Под силно полициско обезбедување и со големо присуство на јавноста како и роднини на обвинетите кои пристигнаа од Турција денеска започна судењето за петмина турски државјани обвинети за убиството на Енес Оздемир, турски државјанин, кое се случи на Градскиот плоштад „Слобода“ во мај годинава.
Наместо во салата на Основниот кривичен суд во Штип рочиштето се одржува во големата судница на апелацискиот суд. Основното јавно обвинителство-Штип поднесе обвинение на 4 октомври по завршената истражна постапка.
Еден од обвинетите се товари за директно извршување на убиството и за неовластено држење на оружјето, тројца му помогнале во делото, додека една обвинета се товари за помагање по извршувањето на кривичното дело.
Првообвинетиот, 21-годишник без регулиран престој во Македонија, наводно го убил Оздемир со пиштол со избришани податоци за модел и сериски број, додека седеле во кафе бар во центарот на Штип. Според обвинението, тројцата помагачи му обезбедиле логистичка поддршка – сместување, транспорт до Штип и набавка на оружјето.








