4.8 C
Skopje
1 February, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаПочнуваат градежните работи на булеварот „Македонија“, првата од четирите фази треба да...

Почнуваат градежните работи на булеварот „Македонија“, првата од четирите фази треба да се реализира за 90 дена

- Advertisement -spot_img

Од денеска почнаа градежните активности на булеварот „Македонија“ со кои се очекува да се намали сообраќајниот метеж во центарот на Градот Скопје. Ќе се реализираат четири фази, од кои првата треба да заврши за 90 дена.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во изјава за медиумите рече дека следната недела се очекува да започне и тендерската постапка за втората фаза. Се надева дека целата сообраќајница која е околу два километри до крајот на неговиот мандат да биде завршена.

-Тука сме на почеток на градежните активности на булеварот „Македнија“, нешто за што се говори години наназад, почнуваме со првиот од четирите чекори. Рокот на изведба е 90 дена, а од следната недела ќе ја почнеме тендерската постапка за втората фаза која ќе подрзабира два нови кружни текови и влез во подземната сообраќајница. За да не го губиме времето, ќе ја почнеме тендерската постапка, како што споменав наредните 10 дена и верувам дека веднаш по завршување на првата фаза, ќе започнеме со реализација на втората фаза. Оваа фаза опфаќа проширување на дел од сообраќајниците тука и уредување на целиот простор. Опфаќа нова атмосферска канализација и 60 нови шахти, што значи дека и атмосферските води ги средуваме во овој дел од нашиот главен град. Опфаќа на улицата „Пролет“, приклучување и нов крак спрема улицата „Борис Трајковски“ и уште едно проширување и нов крак на улицата „11 Октомври“, рече Ѓорѓиевски.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека овој проект многу ќе значи за скопјани и ќе додаде вредност во квалитетот на живот на скопјани.

-Јас не би имал што да додадам повеќе во техничките карактеристики, да го анализирам проектот од технички аспект, но знам дека овој проект сигурно ќе го олесни движењето во центарот на градот. Амбициозен е планот овој мандат целосно да биде завршен, амбициозен е и планот во 90 дена да биде завршен овој дел. Но, сигурен сум дека имајќи предвид дека имаме амбициозен градоначалник и амбициозни градоначалници дека сето ова ќе се заврши и скопјани ќе можат да се движат по овој коловоз многу скоро, односно во рамките на тоа што е кажано, рече Мицкоски.

Во рамки на она што отпочнувањето на градежни активности во Градот Скопје, Ѓорѓиевски нагласи дека со засилено темпо се работи на клучката кај Момин поток, на мостот „Љубљанска“ и веќе се во финална фаза на супервештачењето коешто би значело пробивање на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ за поврзување на Гази Баба и Аеродром, кое граѓаните го чекаат долго време.

-Има таму приватни објекти кои се нерешени, околу 30-ина објекти се, кои ќе ги оставиме за подоцна да ги решиме имотно-правно. Мојата цел, така говорев и ветував во кампањата дека ќе го пробиеме тој потег и ќе овозможиме поврзување на мостот со сообраќајниците понатаму, особено делот спрема Дојрана. Таму имаме спор со еден објект од каде што едната страна од објектот е веќе завршена експропријацијата, но за другата сметам дека сопственикот малку има поголеми барања од тоа што би требало да биде исплатено. Затоа, имавме неколку средби, но по средбите побарав супервештачење затоа што сакам, логички е секој денар да го штедам од Градот Скопје и да постигнам добра цена за Градот Скопје таму, и затоа ангажиравме супервештаци. Верувам дека за брзо ќе се заврши тоа и веќе ќе можеме да го пробиеме тој потег, рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот најави дека во текот на наредните десеттина дена ќе биде распишана тендерска постапка за довршување на Булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево.

-Тој е повеќедецениски булевар кој се гради од кој граѓаните се истоштени и во неизвесност оставени долги години. Мислам дека конечно ќе го завршиме и тој проект, рече тој.

Ѓорѓиевски информира дека во текот на наредната недела ќе одржи прес-конференција каде што ќе даде извештај за финансиската состојба на Градот Скопје. -Веќе ги стабилизираме јавните претпријатија и мислам дека полека, но сигурно Градот го креваме на стабилни нозе, онака како што граѓаните очекуваат, рече тој.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека поголем дел од назначените лица во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија и установи се членови и донатори на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓиевски меѓу другото исткна дека тоа се луѓе со дигнитет, со сериозно искуство позади себе и луѓе кои ќе можат да помогнат и да бидат коректор на директорите и на сосотјбите во јавните претпријатија.

-Јас не навлегувам во материјални расправи на опозицијата. Мислам дека е апсурдно на политчка партија особено како СДСМ каде што сеќаваме кога Зоран Заев стана премиер во 24 часа беа разрешени сите управни и надзорни одбори во државата, да коментираат вакво нешто. Јас го коментирав тоа и на седницата на Совет, но и со медиумите. Сакам да истакнам дека сите тие луѓе ги познавам и мислам дека ќе бидат додадена вредност за јавните претпријатија, тие треба да бидат коректор на директорите и на состојбите на јавните претпријатија и додадена вредност да помагаат. Што се однесува на тоа дека не биле доставени нивни биографии, апсолутно и тука е претседателот на Советот, го отрфлам како неточно. Зошто? Затоа што на Комисијата во која членуваат членови од сите политички партии беа приложени сите биографии на секој еден од членовите на управни и надзорни одбори. Тоа се луѓе со дигнитет, со сериозно искуство позади себе и луѓе кои ќе можат да помогнат. Назначени се како в.д. членови на управни и на надзорни одбори и наредните шест месеци ќе биде спроведена постапка во која ќе може сите заинтересирани да аплицираат. Сметам дека е апсурдно она што го тврди опозицијата, рече градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img