На 30 март во Кривичен Суд во Скопје ќе започне судскиот процес против Стојанче Јовановски, кој се товари за повеќе кривични дела поврзани со трагичната смрт на неговата сопруга Ивана Јовановска и нивната шестгодишна ќерка Катја.
Обвинителството против Јовановски поднесе обвинение за телесна повреда, продолжено семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство. Според најавите, ова ќе биде прво рочиште во случај што ја вознемири јавноста поради тежината на настаните.
Во обвинителниот акт се наведува дека на 2 март обвинетиот во повеќе наврати физички ја нападнал сопругата на различни локации во Скопје, нанесувајќи ѝ удари по телото и главата, при што таа во еден момент ја изгубила свеста. Подоцна ѝ упатил и сериозни закани по нејзиниот живот, со што, според обвинителството, создал чувство на страв и несигурност кај жртвата.
Оттаму додаваат дека насилството траело подолг временски период, при што жената била изложена на континуиран психички и физички притисок и се наоѓала во состојба на зависност од обвинетиот.
На кобниот ден, по нов бран насилство и закани, таа се вратила во станот со намера да ги земе личните работи и да го напушти домот. Сепак, според обвинението, состојбата во која се наоѓала кулминирала со трагичен исход – таа паднала од терасата на станот на шестиот кат заедно со детето.
Јавниот обвинител предложил продолжување на мерката притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото. Судот допрва ќе одлучува за овој предлог, додека Јовановски засега останува во притвор.








