Августовската сесија од државната матура почнува денеска, а меѓу кандидатите се и 226 матуранти на кои им беа поништени испитите во јунскиот рок поради утврдени неправилности и препишување. Вкупно 1.328 ученици се пријавени за државна, 126 за стручна и шест за уметничка матура.
Денеска кандидатите го полагаат изборниот екстерен предмет – математика или англиски јазик. За германски, француски, италијански и руски јазик, како и за историја, во августовската сесија нема пријавени кандидати. Вториот испит е во петок, 14 август, кога ќе се полага задолжителниот предмет мајчин јазик и литература.
Поради значително помалиот број кандидати во споредба со јунскиот рок, испитите се организираат на осум локации во Скопје, Тетово, Прилеп и Штип. Во Скопје ќе се полага на Економскиот, Градежниот и Педагошкиот факултет, како и во спортската сала на АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Посебно внимание привлекуваат 226 матуранти кои повторно излегуваат на испит откако нивните тестови во јунската сесија беа поништени. Дел од учениците биле фатени како препишуваат за време на полагањето, а кај други неправилностите биле утврдени при проверката на тестовите.
Просечната оценка од јунската сесија беше 3,66. Кај државната матура просекот изнесуваше 3,62, кај стручната 3,91, а кај уметничката 3,59. Во јунскиот рок беа пријавени вкупно 14.587 ученици.






