Самитот Брдо-Бриони почна во Драч, Албанија на кој учествува и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. Европската интеграција, планот за раст на ЕУ, младинската политика, иселувањето како и регионалната соработка и безбедност ќе бидат теми на Самитот.
Процесот Брдо-Бриони во кој учествуваат лидерите на земјите од Западен Балкан и претставници на ЕУ е форум на високо ниво, кој има за цел да ја зајакне регионалната соработка и да го унапреди процесот на европска интеграција на регионот.
Инициран е во 2013 година од Словенија и Хрватска и до денес служи како стабилна платформа за политички дијалог меѓу земјите од регионот, со цел да си помагаат во градењето меѓусебна доверба, консолидирање на стабилноста во регионот и поддршката на реформите потребни за членство во ЕУ.
Денешниот самит го организираат претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ, а домаќин е претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.






