По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави длабока трага во областа на хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата долгогодишна кариера, тој беше препознаен по својата посветеност кон пациентите, но и по ангажманот во едукацијата на нови генерации лекари.
Своето знаење и искуство ги пренесе на бројни млади доктори и хирурзи, кои денес работат во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во повеќе приватни здравствени установи низ државата. Колегите и соработниците го опишуваат како врвен професионалец, строг но правичен ментор и човек со голема хуманост.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел, каде семејството, пријателите, колегите и почитувачите ќе можат да му оддадат последна почит.








