Во судскиот процес за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, новите сведоштва од минатото рочиште отвораат сериозни дилеми околу вистинските причини за трагедијата во која загинаа 63 млади лица, а обвинителната теза за „командна одговорност“ сè повеќе се доведува во прашање.
На рочиштето, сведоци меѓу кои и преживеани, детално ја опишаа внатрешноста на клубот и реконструкциите што биле направени само една година пред пожарот – во 2025 година. Според нив, објектот свесно бил изменет, со спуштен плафон од лесно запалив материјал (сунѓер), што го направило многу посмртоносен отколку што бил порано.
Реновираниот таван бил поставен непосредно до пиротехничките ефекти што редовно се користеле за забава, што, според сведоците, значително ја зголемило опасноста од ширење на огнот. Кога пиротехниката активирала, пламенот брзо го зафатил таванскиот материјал, доведувајќи до експлозивно ширење на пожарот во објектот.
Пожарникарите од Територијалната единица од Кочани, кој пристигнале брзо на местото на настанот, сведочеа за сериозните пречки со кои се соочиле при обидот за интервенција – внатрешните излезни врати биле затрупани, а пристапот до хидрант бил невозможен бидејќи немало вентил за користење на цревото.
Сведоците појаснија и дека излезите од клубот биле делумно блокирани или прикриени, што дополнително ги ограничувало можностите за евакуација на гостите во моментот кога избувнал пожарот.
Овие описи ја доведуваат во прашање стратегијата на Обвинителството, кое, наместо да се фокусира на конкретните одлуки на менаџментот и опасните реновирања, останува фокусирано на постапки и системски пропусти од минатото.









