домаМакедонијаПланот за поделба во 2001 пропаднал поради проценка на Пентагон дека тоа...

Планот за поделба во 2001 пропаднал поради проценка на Пентагон дека тоа е невозможно без големо крвопролевање!

- Advertisement -spot_img

Пентагон имаше направено проценка дека размената на луѓе и територии е невозможна без големо крвопролевање, при што поделбата на Скопје би предизвикала најголеми загуби во луѓе, рече своевремено поранешниот претседател Стево Пендаровски во интерјву за „Фокус“. Еден од опозициските лидери, Арбен Таравари, пак, ни изјави: „Размена на територии не зависи од нас, тоа го прават многу поголеми од нас. Ние сме ситни играчи за такви работи, но за внатрешна реорганизација може да зборуваме. За границите пред да зборува некој треба да седне со НАТО…“. Инаку, оваа контроверзна тема ја реактуелизираа Али Ахмети и Владо Бучковски по повод 25 години од потпишувањето на Рамковниот договор.

Поранешниот претседател Стево Пендаровски, кој претходно беше советник за национална безбедност на двајца негови претходници – Бранко Црвенковски и Борис Трајковски (Трајковски беше шеф на државата за време на воениот конфликт и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кога Пендаровски, пак, беше дел од МВР), смета дека клучна причина за пропаѓање или неуспех на идејата за поделба на Македонија во 2001 година било противењето на меѓународниот фактор.

– ВМРО-ДПМНЕ во 1993 година е против нашиот влез во ОН со референцата. До ден-денес таа партија вели дека не ни беше потребен ниту Рамковниот договор и покрај тоа што го потпиша. Мисли ли некој дека ако не влеземе во ОН денес ќе бевме независна држава, мисли ли некој дека ќе беше подобро ако се решевме за воена солуција во 2001 година кога малку фалеше да влеземе во тотална војна и да имаме граница кај Групчин? ВМРО-ДПМНЕ денес ја прават истата грешка со ЕУ, како и во 1993 и 2001.

Според сведочењето на дел од актерите, другата страна ја отфрлила таа идеја (за поделба) затоа што не сакала да добие толку мала територија. Според мене, клучно беше противењето на меѓународниот фактор. Пентагон имаше направено проценка дека размената на луѓе и територии е невозможна без големо крвопролевање, при што поделбата на Скопје би предизвикала најголеми загуби во луѓе, а најголемата концентрација на Албанци живеат во Скопје, над 100 илјади – рече Пендаровски во интервју за „Фокус“ во 2023 година.

Инаку, темата за промена на границите на државава, односно за трампа на територии и население за време на воениот конфликт во 2001 година, периодов се реактуелизираше откако лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој беше водач на паравоената ОНА во 2001, изјави дека тогаш пред себе имал проект за поделба на Македонија одобрен од тогашното државно раководство, меѓутоа, како што рече, го отфрлил од причина во спротивно тој би бил во различна држава со дел од Албанците од Македонија.

–Ја сакам Македонија, господине Бучковски, колку што ја сакате и Вие, ова е мојата земја, мојот дедо, прадедо, баба и прабаба се тука, колку што ја сака Црвенковски, колку што ја сака Христијан Мицкоски, затоа, подалеку од Охридскиот договор, кој и да се обидува да го уништи албанскиот јазик, да ја уништи правичната и соодветната застапеност… Да, јас го имав проектот за поделба и го имав одобрено од највисоките власти, но не го прифатив, бидејќи Албанците од Скопје немаше да бидат со мене. Јас ќе бев во Албанија, но Скопје, Куманово, Струга, Кичево, Прилеп, Велес, сите тие би биле надвор од границите на Албанија – изјави Ахмети.

Всушност, тој ваквата изјава ја даде за време на трибина по повод 25 години од потпишувањето на Рамковниот договор, на која говореше и поранешниот премиер, министер за одбрана и лидер на СДСМ Владо Бучковски. Според него, воениот конфликт не бил започнат само за правата на Албанците, туку, како што истакна, на почетокот постоела тенденција дека треба да се освои територија и да се направи обид да се подели Македонија, по што се вклучила меѓународната заедница.

–Вклучувањето на меѓународната заедница, срамежливо покажувањето на првиот предлог на Фровик дека ќе дојде до разоружување, дека потоа треба да има еден сериозен политички процес, беше воден од меѓународната заедница на начин кој го приближуваше и Ахмети од терорист, екстремист, водач на паравоената ОНА, да се трансформира во лидер на политичка партија, ценејќи го расположението на албанскиот етникум во тој момент… Не беше на почетокот отворен воениот конфликт само за правата на Албанците. Тлееше веројатно тенденцијата дека треба да се освои територија – рече Бучковски.

Што се однесува до оваа контроверзна тема, веќе потсетивме што во врска со овој процес откри Љубчо Георгиевски, кој беше премиер и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за време на воениот конфликт во 2001 година. Имено, во интервју за „Фокус“ дадено во 2023 година, зборуваше како се развила оваа идеја и кои политички и неполитички актери биле вклучени и/или запознаени со концептот. Што поточно кажа тој?

–Кога почна нападот од Косово кон Македонија, а потоа на тоа се приклучија некои структури и внатре во Македонија, иако морам да кажам дека на почеток тоа бавно одеше, главно беа увезени сили… Во сите тие разговори дојдовме до еден ист заклучок на повеќе места, на повеќе нивоа. А, тоа беше – ако Албанците не сакаат да живеат со нас, како во секој брак, каде што не одат работите, да пробаме да се разделиме. Втора работа – јасно беше дека цел западен свет, не само што не ни помагаше, туку стоеше на страна на Албанците.

Со дистанца на времето можам да кажам дека идејата не беше за поделба на Македонија, туку за трампа на територии и население. И, од македонска страна беше идејата Тетово, Гостивар и Дебар, со плус минус некои села. Значи, без Кичево, Струга, без Скопско, Кумановско. А, од албанска страна да се побара реално многу помал дел, но за нас значаен дел, делот околу Преспа, каде што живеат Македонци и на некој начин Преспанско Езеро да го заокружиме – рече Георгиевски.

Одговарајќи на прашањето на кое ниво се водени овие разговори, односно дали тоа биле затворени неформални дискусии или се разговарало на влада, тој рече дека на ниво на влада не се разговарало, но за тоа имало согласност меѓу тогашните највисоки државни функционери. Притоа, ги спомена Трајковски и Црвенковски, но и Доста Димовска, Стојан Андов, Арбен Џафери, како и тројца академици. Патем, рече дека биле запознаени и црковни лица, но не откри за кого станува збор.

–На ниво на владата не се зборуваше, но за тој муабет имаше согласност меѓу мене како премиер, Борис Трајковски како претседател, Стојан Андов и Доста Димовска беа вклучени во таа дискусија. Сите тие имаа афирмативен став. Не е некоја тајна дека Трајковски самиот му има кажано на Зоран Димитровски, дури без моја консултација, да го објави тоа во весникот „Вечер“. Исто така, мислам дека Трајковски тоа го има разговарано и со Бранко Црвенковски.

Од друга страна, морам да кажам дека независно од нас, на една средба со тројца академици, на која беа претседателот на МАНУ, Ѓорги Ефремов, Ѓеорги Старделов и Блаже Ристовски… И тројцата таа идеја ја споделуваа пред мене без никаков притисок, дури иницијативата на муабетот тргна од нив. Ефремов остана доследен до крај на идејата, а другите двајца се повлекоа од дискусијата. И, морам да кажам дека и некои црковни лица беа запознаени, да не ги компромитирам, но многу важни црковни лица, кои исто така рекоа дека во тој момент, ова можеби е решение.

Оваа идеја не беше идеја на авантуризам, туку на најодговорни луѓе, кои во тоа време ја водеа државата и на некој начин спонтано оценија дека тоа е решение за тој момент, но и за иднината на Македонија. Идејата ја образложив кај Арбен Џафери. Тоа прашање му го отворив. Тој ми рече дека за него ова можеби е некакво решение, но мора да разговара. Со кој разговараше, на кое ниво и каде, не знам. Но, по десетина дена ми рече дека во овој момент не може да го продолжи тој разговор.

Сега има разни приказни, но првите 5-6 коминикеа на ОНА беа за борба за територија и иселување на Славомакедонците, не само од тие 3 града, туку малку пошироко. Ние го организиравме целиот отпор на Македонија. Можеби некој сметаше на слабото оружје во тоа време, но морам да потсетам дека цел период го искористивме максимално корисно за снабдување со оружје – истакна Георгиевски, кој во однос на прашањето дали денес смета дека државата ќе беше подобра ако успеел концептот за трампа што своевремено го заговарал, кусо одговори: „Да!“.

Говорејќи во контекст дека доколку дојде до голем застој во евроинтеграцискиот процес ќе се појават радикални политички концепти, лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, исто така во интервју за „Фокус“, своевремено истакна дека во такви околности може да се јави некоја партија што ќе говори за поделба на Македонија. Сепак, според него, тоа е невозможно да се случи.

–Не е добро за Македонија да не поминат уставните промени, затоа што ако се одвои Албанија ќе останеме со Косово, каде реално постојат проблеми, и БиХ која е недефинирана држава. Ќе останеме држава каде надежда изумира. Кога имате екстремна левица, реципрочно ќе се роди радикална десница, или кај некоја од партиите што постоиме или во нова партија. Ќе се отвори Пандорина кутија.

Исто како што излегува Левица кај Македонците, гарантирам – нека излезе една албанска партија и нека каже се против државата, ќе ја поделиме, ќе направиме вака-така, веднаш ќе добие гласови. Тоа е наједноставен начин да добиеш гласови кај албанскиот блок. Не зборуваме за војна, тука нема ни кој да војува веќе, но за организација на државата е легитимно да се зборува. Тоа се интересни теми кои како синџир ќе бидат поврзани со Косово и БиХ, ви гарантирам.

Реорганизација за се. По региони. Поголема децентрализација, дефискализација. Кантонизација, не знам што. Јас апсолутно мислам дека децентрализацијата ни е неопходна. Ние сме најцентрализирана држава во Европа. Да се врати Уставот од 1974 година ќе биде идеално. Тогаш општините бирале градоначалници, претседатели на судови, шеф на полиција. И на избори да се бираат ако треба.

Или на болницата. Министерот никогаш не може да знае каква потреба има во Берово, Охрид. Сега само директорите на училиштата ги бира градоначалникот, но капиталните инвестиции ги прави владата. Ние имаме нефункционални општини. Јас сум кажал – на Македонија и треба нов Устав, но не под притисок и во брзање. Нека седнат експертите, партиите, нека се отвори дебата кај граѓаните. Ајде да ги отвориме темите, како може да се организираме подобро… – рече Таравари.

Во однос на прашањето поврзано со промена на граници и слични тези, тој вели: „Видете, размена на територии не зависи од нас, тоа го прават многу поголеми од нас. Ние сме ситни играчи за такви работи, но за внатрешна реорганизација може да зборуваме. За границите пред да зборува некој треба да седне со НАТО. Границите ќе ги снема кога ќе бидеме членки на ЕУ, тогаш сите ќе бидеме во нашите големи држави“.

Во меѓувреме, се огласи и Мендух Тачи, лидер на ДПА, која денес е маргинална партија, меѓутоа беше владејачка структура за време на воениот конфликт во 2001 година, а нејзиниот тогашен лидер Арбен Џафери беше еден од потписниците на Рамковниот договор. Иако во едно интервју Џафери изјави дека ако не избиел воен конфликт, тој и Георгиевски ќе ја поделеле државата по мирен мат, Тачи сега тврди дека таков план на хартија не постоел.

– За поделбата на Македонија не постоел документ. Тоа беше идеја на неколку псевдоакадемици, инструирани од УДБА на Србија. Тоа не беше идеја на Академијата на науките, а ниту Арбен Џафери имал документ, затоа што таков не постои. На Али Ахмети тогаш УДБА му кажа: ова е патот по кој можеш да го урнеш политичкото организирање на Албанците. И тој зборува неврзано, дека наводно постоел документ – изјави деновиве Тачи.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img