домаМакедонијаПИСА 2025: Македонските ученици повторно под просекот, пад во математиката и загрижувачки...

ПИСА 2025: Македонските ученици повторно под просекот, пад во математиката и загрижувачки резултати во читањето

- Advertisement -spot_img

Учениците од Македонија и на најновото меѓународно тестирање ПИСА 2025 постигнале резултати под просекот на земјите членки на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД. Посебно загрижуваат слабостите во читањето со разбирање, додека во математиката е забележан пад, објави „Дојче веле“.

Резултатите покажуваат дека голем дел од македонските петнаесетгодишници имаат тешкотии не само со усвојувањето на знаењето, туку и со неговата практична примена, анализирањето информации и критичкото размислување.

Најголемото предупредување доаѓа од резултатите во читањето. Учениците се соочуваат со проблеми при разбирање подолги текстови, поврзување информации од повеќе извори и разликување факти од мислења – способности што стануваат сè поважни во време на социјални мрежи, дезинформации и брз развој на вештачката интелигенција.

И резултатите по математика покажуваат влошување. Наместо само да применуваат научени формули, ПИСА проверува дали учениците можат да го користат математичкото знаење при решавање проблеми од секојдневниот живот.

Состојбата не е проблем само во Северна Македонија. Според ОЕЦД, образовните постигнувања стагнираат или се намалуваат во голем број држави. Во периодот од 2015 до 2025 година просечниот резултат по математика во земјите членки на организацијата паднал за 22 поени, а по читање за 28 поени.

ОЕЦД предупредува и на појавата на таканаречено „избрзано читање“, при кое учениците брзо го поминуваат текстот, но не го разбираат доволно и почесто даваат неточни одговори. Уделот на учениците со ваков начин на читање речиси се удвоил од 2018 до 2025 година.

Новото истражување го отвора и прашањето за влијанието на дигиталните уреди и вештачката интелигенција. Речиси половина од учениците во земјите на ОЕЦД користат чет-ботови со вештачка интелигенција најмалку еднаш неделно за учење. Анализата покажува дека нивното влијание зависи од начинот на употреба, но прекумерното потпирање на технологијата може да го намали самостојното размислување.

Во ПИСА 2025 учествувале повеќе од 760.000 ученици на возраст од 15 години од 91 земја и економија. Главна област на тестирањето биле природните науки, а биле проверувани и знаењата по математика, читањето со разбирање и способноста за решавање проблеми во дигитална средина.

Резултатите уште еднаш ја нагласуваат потребата од суштински образовни реформи во Северна Македонија, со поголем акцент врз функционалната писменост, критичкото размислување и примената на знаењето, наместо врз механичкото запомнување.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img