Иднината на Јанис Адетокумбо во Милвоки повторно е една од најголемите теми во НБА-лигата, а американските медиуми сè почесто пишуваат за можноста тој да ја напушти франшизата во која ја помина целата досегашна кариера.
Иако официјално не побарал размена, според бројни извештаи, Бакс е подготвен да ги види понудите од другите клубови, особено по уште една разочарувачка сезона во која не успеа сериозно да се вмеша во битката за шампионската титула.
Меѓу најзаинтересираните клубови се споменува Њујорк, кој со месеци важи за еден од најагресивните кандидати за доведување на грчката суперѕвезда. Никс сака ново заштитно лице околу кое ќе гради шампионски проект, а Јанис совршено се вклопува во таа визија.
Според американските медиуми, Милвоки, во евентуална размена, би барал голем пакет составен од млади играчи, повеќе избори од првата рунда на драфтот и кошаркар со потенцијал да стане идна ѕвезда. Токму затоа Никс се смета за сериозен кандидат, бидејќи располага со вредни ресурси за ваков договор.
Во игра сериозно се вклучува и Хјустон. Тимот од Тексас има голем број млади таленти и драфт-пикови, што го прави еден од најопасните конкуренти во евентуалните преговори. „Ракетите“ сакаат експресно враќање на врвот од Западната конференција, а доаѓањето на играч како Јанис би било јасен знак дека атакуваат на титулата.
Големо внимание привлекува и можноста Голден стејт да се обиде да создаде супертим со Стеф Кари и Адетокумбо во составот. Според дел од извештаите, „воините“ веќе анализираат различни сценарија за да состават доволно привлечен пакет за Милвоки, иако евентуалниот договор би бил исклучително тежок поради ограничувањата во селери-кап системот.
Во комбинациите се споменува и Бостон. Американските аналитичари тврдат дека Бостон и претходно ја разгледувал можноста за ангажман на Јанис, а интересот не спласнал ниту по завршувањето на сезоната. Се шпекулира дека Селтикс би можел да понуди пакет базиран околу Џејлен Браун, доколку процени дека има реална шанса да стигне до грчкиот ас.
Тука е и Мајами, франшиза позната по агресивниот пристап кога ќе се појави големо име на пазарот. Според американските медиуми, Хит внимателно ја следи ситуацијата и би можел да подготви сериозна понуда што би вклучувала клучни играчи и идни драфт-избори. Сепак, проблем за Мајами би можел да биде фактот што некои конкуренти располагаат со поквалитетен млад ростер и со повеќе пикови.
И покрај сите шпекулации, официјална потврда од Милвоки за потенцијална продажба на неговата најголема ѕвезда сè уште нема. Адетокумбо и понатаму јасно порачува дека негов приоритет е борбата за шампионски титули.
- Само сакам да победувам – пренесуваат американските медиуми, потсетувајќи на една од последните изјави на Јанис поврзани со иднината на Бакс.
Доколку процени Милвоки дека актуелниот состав повеќе нема реални шанси за напад на титулата, ова лето лесно би можело да донесе целосна реконструкција на тимот и една од најголемите размени во модерната историја на НБА.








