5.8 C
Skopje
1 February, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeКолумниПензионерите го кренаа гласот – дали институциите ќе го слушнат?

Пензионерите го кренаа гласот – дали институциите ќе го слушнат?

- Advertisement -spot_img

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Трибината за Предлог-законот за здруженија и фондации, одржана во Скопје, покажа нешто што одамна не сме го виделе доволно јасно во јавниот простор: граѓани кои не дојдоа да слушаат формални излагања, туку дојдоа да зборуваат. И тоа најгласно зборуваа пензионерите.

Салата беше исполнета, дискусијата жива, аргументирана, понекогаш емотивна, но пред сè – свесна. Она што особено се издвојуваше не беше незадоволство од новиот предлог-закон, туку длабока загриженост дека и сегашниот закон не се применува како што треба. А ако важечкиот закон не функционира, со право се поставува прашањето: каков ефект ќе има новиот?

Главната тема што се отвори спонтано, но мошне јасно, беше состојбата со здруженијата на пензионерите. Не како апстрактен правен проблем, туку како реалност што ја живеат повеќе од триста илјади граѓани. Се зборуваше за членство кое формално се води, а фактички не постои; за членарина што се одбива автоматски од пензија, без јасна и слободно изразена волја; за регистри на членови што никој не може да ги провери; за средства со кои се располага без вистинска транспарентност; за чувство дека организациите кои треба да ги претставуваат пензионерите со години функционираат без реална контрола од сопственото членство.

Тука се отвора суштинскиот судир меѓу принципите на Законот за здруженија и фондации и практиката на терен. Законот е јасен: здружувањето е доброволно, организациите се автономни, управувањето треба да произлегува од членовите, а членството мора да биде евидентирано, активно и проверливо. Во пракса, кај значаен дел од пензионерските здруженија гледаме нешто сосема друго: централизирана структура, административно водено членство, државна институција што посредува во собирањето на членарина и раководства кои со години остануваат практично недопирливи.

Не е случајно што токму на трибината јавно се постави најтешкото, но и најискреното прашање: дали сегашниот модел на организирање и функционирање на пензионерските здруженија претставува своевидна „дивоградба” во правниот систем – конструкција изградена надвор од духот на законите, но толку долго толерирана што станала нормалност? И ако е така, што треба да следи: демонтажа на таквиот модел и враќање кон автентично граѓанско здружување или негова целосна легализација како квази-јавен систем со јасни правила, надзор и одговорност?

Ова не беше провокација, туку дилема на луѓе кои сакаат да живеат во уредена држава. Зашто сегашната состојба создава правен парадокс: здруженијата на пензионери формално се граѓански организации, а во пракса функционираат со елементи на јавен систем – преку ПИОМ, преку трезорска сметка, преку централизирано управување со средства. Во таква сива зона нема ниту вистинска автономија, ниту вистинска јавна контрола. А токму таму најлесно се губи одговорноста.

Особено сериозен проблем е начинот на прибирање на членарината. Ако членството е доброволно, тогаш и членарината мора да биде израз на слободна, индивидуална волја. Но кога задршката се врши автоматски, преку административна постапка; кога граѓанинот нема реален избор; кога истапувањето е речиси невозможно во пракса – тогаш веќе не зборуваме за слободно здружување, туку за системска повреда на уставно загарантирано право.

Токму затоа дел од пензионерите не останаа само на критика, туку формулираа и конкретни предлози до Министерството за правда, во рамки на јавната расправа за новиот закон. Суштината на тие предлози е едноставна и разумна: во законот јасно да се утврди дека членарината мора да се заснова на слободна, индивидуална и непосредно изразена волја на членот и дека не смее да се прибира автоматски или преку институционално посредување од страна на државни органи, доколку тоа посредување фактички го ограничува правото на слободно здружување.

Ова не е радикално барање. Ова е барање за доследност. Ако законот вели дека здружувањето е право, тогаш тоа право мора да постои и во пракса, а не само на хартија.

Во текот на дискусијата се наметнаа и неколку прашања на кои државата мора да одговори ако сериозно зборува за владеење на правото:
– Која институција е јасно и недвосмислено надлежна да ја штити законитоста во функционирањето на граѓанските здруженија?
– Каде да се обрати граѓанин ако неговото здружение е узурпирано, ако се злоупотребуваат средства или ако му се повредуваат членските права?
– Зошто државата досега нема воспоставено системски механизам за надзор над најмасовните здруженија кои управуваат со значителни финансиски средства и влијаат врз животот на голем број граѓани?

Ова не се прашања од маргината. Ова се прашања на човекови права, на владеење на правото и на достоинството на граѓанинот. Пензионерите на трибината не бараа привилегии. Бараа само едно: да бидат третирани како слободни и свесни граѓани, а не како административна бројка во туѓ систем.

Денес не станува збор за рушење на здруженија, ниту за напади врз поединци. Станува збор за враќање кон суштината: здруженијата да им припаѓаат на своите членови, да бидат демократски, транспарентни и законски уредени. Само така тие навистина можат да ги застапуваат интересите на пензионерите, а не да постојат како самодоволни структури.

Пензионерите го кренаа гласот. Прашањето сега не е дали тие се во право. Прашањето е дали институциите ќе имаат доволно совест, храброст и одговорност да го слушнат тој глас – и да постапат по него.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img