домаРегионОсуденик кого Македонија го бара со потерница се појави на бугарска телевизија...

Осуденик кого Македонија го бара со потерница се појави на бугарска телевизија за да ја брани Ива, на која и се суди за сообраќајка каде загина човек

- Advertisement -spot_img

Симеон Михаилов, осуден за обид за убиство и лице по кое Македонија и натаму трага за издржување затворска казна од 12,5 години, се појави на бугарска телевизија, каде беше претставен како татко на Ива Михаилова од Кочани.

Неговото телевизиско појавување е поврзано со случајот на неговата ќерка, на која во Македонија ѝ се суди за учество во сообраќајна несреќа со смртни последици. Во дел од бугарските медиуми случајот подолг период се претставува и низ призмата на нејзиното бугарско самоопределување и тврдењата дека поради тоа е изложена на притисок.

Но таткото кој сега јавно зборува за нејзиниот случај во Бугарија има сопствена правосилна пресуда во Македонија и активна потерница.

Симеон Михаилов е осуден за обид за убиство на Драганчо Стоименов во скопската населба Аеродром, во случај поврзан со кочанската група „Детонатор“. Тој бил суден и за злосторничко здружување и насилство.

Во текот на постапката Михаилов избегал од Македонија, по што бил пронајден во Италија, каде извесен период бил уапсен и во затвор. Потоа бил екстрадиран во Македонија и се наоѓал во притвор.

Само неколку дена пред правосилноста на пресудата, Михаилов бил пуштен да се брани од слобода. Пет дена подоцна, пред пресудата да стане правосилна, повторно избегал.

Оттогаш се шпекулира дека престојува во Бугарија.

Првично му била изречена доживотна казна затвор, која во понатамошната судска постапка била намалена, а Македонија сега го бара за издржување на правосилно определената затворска казна од 12,5 години.

Потерницата по Михаилов и натаму е активна.

Неговото појавување во бугарски медиум повторно го отвора и прашањето за можноста тој да биде достапен за македонските институции, особено доколку поседува и бугарско државјанство. Бугарија, во пракса, не ги екстрадира сопствените државјани само врз основа на барање од друга држава, па евентуалното извршување на македонската пресуда би зависело од конкретните правни механизми и постапки меѓу двете земји.

Во меѓувреме, неговата ќерка Ива Михаилова бара судот да ѝ го врати пасошот за да може да ја напушти Македонија.

Судот засега не го дозволува тоа, со цел да се обезбеди нејзино присуство на рочиштата во постапката во која треба да се утврди дали има кривична одговорност за сообраќајната несреќа, а поради опасност од бегство.На првото рочиште Михаилова се изјасни дека не е виновна.

Така, додека бугарските медиуми го отвораат прашањето за третманот на Ива Михаилова во Македонија, нејзиниот татко се појавува јавно од Бугарија иако македонските органи со години го бараат за издржување правосилна затворска казна.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img