На средбата со граѓаните во Чаир, кандидатот за градоначалник Бујар Османи говореше за конкретните решенија кои произлегуваат од неговата урбана стратегија „Визија Чаир 2040“, посочувајќи дека Чаир нема време за нови импровизации, туку бара големи и храбри проекти кои конечно ќе му донесат ред и достоинство.
„Неколку кандидати предлагаат улицата ‘Цветан Димов’ да се прошири со уште по една лента, но кога ги прашав експертите, нивниот одговор беше јасен, колку повеќе ленти, толку повеќе автомобили.
Проблемот не се решава така“, порача Османи, алудирајќи на концептуалниот дефицит кај противкандидатите.
Наспроти тоа, Османи објави амбициозен проект со конкретен архитектонски пристап и реална изведба: изградба на нов плоштад, Лирија, кој ќе го поврзе просторот меѓу Серава и Гази Баба, со целосна трансформација на улицата „Цветан Димов“ во подземен сообраќаен премин, а нејзино покривање со пешачки плоштад.
„Нема веќе да оставаме фондови од ЕУ, за кои се сметам експерт, да пропаѓаат. Ќе ги искористиме и европските и домашните фондови.
Плоштадот Лирија ќе биде нов урбан центар, место за социјализација, култура и безбеден сообраќај.“
Проектот, како што рече, не е фантазија, туку изработен од врвни светски архитекти со прецизни мерења, буџетирање и урбанистичка анализа. Покрај подземниот премин и плоштадот, истиот план предвидува и подземни паркинзи, со што се решаваат три клучни предизвици: безбедноста на сообраќајот, квалитетот на јавниот простор и паркирањето.
„Ако можел Феризај да направи подземен премин, зошто да не може Чаир?“, праша Османи, најавувајќи амбициозен но изводлив проект кој, како што рече, ќе биде симбол на новото време.






