Во салата на Советот на Општина Битола денеска се одржа јавна презентација на Деталниот урбанистички план за новиот реонски центар во Нова Битола.
На настанот, граѓаните имаа можност одблиску да се запознаат со предложените урбанистички решенија, како и активно да се вклучат во процесот преку изнесување идеи, предлози и забелешки поврзани со идниот развој на овој дел од градот.
Како што беше истакнато, планот претставува визија за создавање модерен, функционален и хуман урбан простор, со јасен фокус на подобрување на квалитетот на живеење. Предвидена е изградба на нов спортски комплекс, детска градинка, старски дом, плоштад, како и други јавни содржини од значење за локалната заедница.
Од Општина Битола информираат дека јавната анкета за предложениот Детален урбанистички план ќе трае до 16 јануари 2026 година, а сите заинтересирани граѓани дополнителни информации можат да најдат на официјалната интернет-страница на општината.







