СВР Струмица поднесе кривични пријави против шест лица од селото Просениково поради сомнение дека сториле кривични дела „насилство“, а дел од нив се товарат и за противправно лишување од слобода и напад врз службено лице.
Како што информираа од МВР, пријавени биле Б.Д. (22), Т.Ј. (49), С.Д. (47), В.М. (36), Г.Т. (42) и М.Т. (21), сите од село Просениково. Тие на 24 јули околу 21:20 часот, според истрагата, насилно влегле во домот на К.Ѓ. во селото Сарај, струмичко, каде физички ги нападнале К.Ѓ., З.Ѓ., Р.Ѓ., В.Ѓ., Б.М., Б.Ѓ. и две малолетни лица, нанесувајќи им телесни повреди.
За време на инцидентот, Т.Ј. и Г.Т. се обиделе против нејзина волја да ја одведат Р.Ѓ., поради што против нив била поднесена пријава и за кривичното дело „противправно лишување од слобода“.
МВР соопшти дека при интервенцијата, Б.Д. агресивно се однесувал кон полициските службеници и физички нападнал двајца полицајци, поради што се товари и за кривичното дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Осомничените биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица, а за случајот бил известен јавен обвинител.
За време на инцидентот, К.Ѓ. излегол на терасата од куќата и со ловечка пушка испукал два истрела во воздух.
По целосното документирање на настанот, и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.






