Фото: OpenAI
OpenAI и The Walt Disney Company склучија договор за соработка, кој може да се каже дека е прв од ваков вид. Врз основа на овој договор, кој ќе има важност од три години, Disney ќе инвестира во OpenAI 1 милијарда долари, преку купување на акции од компанијата.
Со оваа нова соработка корисниците ќе можат да креираат видеа преку Sora сервисот од OpenAI, кои за првпат ќе имаат дозвола од сопствениците на интелектуалната сопственост, односно ќе можат со дозвола да ги користат карактерите од Disney.
Како дел од Disney, покрај големиот број на познати карактери од ова студио, се и познатите „брендови“ од Marvel, Pixar, Star Wars и повеќе.
Креираните видеа преку Sora, интересно, барем дел од нив, ќе бидат достапни и преку Disney+ стриминг сервисот, но не сум сигурен дека ова е нешто што е позитивно за пазарот.
Disney ќе почне да ја користи технологијата од OpenAI при креирањето на идната содржина, односно генеративната вештачка интелигенција ќе биде користена при правењето на идните филмови и серии.
Покрај тоа, ChatGPT ќе им стане официјално достапен на вработените во Disney како дел од овој договор.
Веднаш по објавата на соработката, Disney поднесе тужба против Google за користењето на нивната содржина и тренирањето на јазичните модели, нешто што реално и за жал, сите ВИ компании го прават уште од почетокот без барање дозвола.







