Со видео надзор Охрид ќе го решава проблемот со дивите депонии. Ќе бидат поставени 30 видеокамери на критични локации низ градот, со цел да се детектираат и санкционираат несовесните граѓани.
Камерите ќе ги евидентираат лицата кои нелегално фрлаат отпад, а снимките ќе служат како доказ за изрекување казни.
„Планираме, детектирани се околу 30 микро-локации на кои ќе биде поставен видеонадзор, за полесно да можеме да ги детектираме сторителите. Во изминатата година можам да ви појаснам дека имаме подигнато околу 1.200 метри кубни кабаст отпад, нешто повеќе од 1.200 метри кубни градежен шут и околу 800 метри кубни зелен отпад“, изјави Стевчо Маслов, шеф за јавна хигиена во ЈП „Охридски Комуналец“.
Граѓаните велат камерите се добар чекор, сметаат дека со парични казни ќе се подигне еколошката свест.
Дивите депонии што постојано се појавуваат низ Охрид го оптоваруваат работењето на ЈП „Комуналец“ и претставуваат сериозна опасност за животната средина и здравјето на граѓаните.









