Обвинителствата низ државата секоја година постапуваат по илјадници кривични пријави, но голем дел не стигнуваат до суд, бидејќи наместо со обвинение, завршуваат со отфрлање. Па така, минатата година Обвинителствата во раце имале вкупно 31.067 пријавени полнолетни лица, а од нив решиле пријави против 20.247 лица. Од овие граѓани сепак 8.554, или 42% од пријавените, се спасиле бидејќи обвинителите го запреле кривичниот прогон.
Најзастапени се отфрлените кривични пријави, според член 288 од ЗКП, бидејќи обвинителите утврдиле дека кривичното дело не се гони по службена должност, делото застарело или била предвидена амнестија или помилување.
– Advertisements –
„Споредбено во 2024 година биле отфрлени пријави против вкупно 8.805 лица или 43,6%, што во 2025 година има мало намалување за 251 лице“, се наведува во годишниот извештај на обвинителството.
Посебно интересни се одлуките за оние предмети кои не стигнале на суд поради дискреционото убедување на обвинителите. Поточно, одлуките за непревземање на кривичното гонење по спроведена постапка за одложено гонење или со примена на начелото на опортунитет.
Опортунитет всушност е дискреционо право на јавниот обвинител во случаите предвидени со закон да не преземе кривично гонење со поднесување на обвинение против осомничениот. Обвинителот се води од можноста целта на казнувањето да се постигне и без кривично гонење и водење на кривична постапка. Ова начело обвинителите смеат да го пременуваат во исклучителни ситуации и за дела за кои не е предвидена затворска казна над 3 години.
Сепак ослободениот има и обврски, односно да се упати на општокорисна работа, да уплати средства во буџетот или во хуманитарни цели, да ја отстрани или надомести штетата…
На овој начин од потенцијалните затворски решетки се спасиле 1.391 лице. Сепак дел од нив платиле паричен надомест во вкупна сума од 300.000 евра кои завршиле во државниот буџет и 12.300 евра на хуманитарни организации.
Спас од затвор лани имале и уште 188 граѓани, кои биле ослободени со членот 44 од ЗКП, односно непревземање на кривично гонење. Во ова група спаѓаат осомичени кои изразиле длабоко каење за стореното или ја отстранил штетата, но и членови на банди или злосторнички здружувања кои сороботуваат со обвинителите и биле од суштествено значење за разоткривање на криминалната група.








