Поради зголемен ризик од избувнување шумски пожари, од утре, недела (23 август), во одредени шумски подрачја на Халкидики ќе биде забрането движењето на пешаци и возила. Забраната ќе важи од 08:00 до 20:00 часот.
Одлуката ја донел заменик-гувернерот на областа Халкидики, Јоанис Куфидис, врз основа на дневната карта за проценка на опасноста од пожари и препораките на надлежните служби, објави 4news.mk
Забраната се однесува на одредени подрачја во општините Касандра, Ситонија и Аристотел.
Каде ќе важи забраната?
Во општина Касандра, забраната ги опфаќа подрачјата Корфограмми, од Касандрина до Агија Параскеви, како и подрачјата Арапс и Халковуни во локалната заедница Палиури.
Во општина Ситонија, забраната се однесува на гребенот Драгундели, од Пчеларската задруга до Сикија.
Во општина Аристотел, мерката ќе важи на подрачјето од Комица до Уранополис, како и во подрачјата Цамија Стратоникис, Фисока и Стрелиште Стратонија.
Полицијата ќе врши контроли, ќе се евидентираат табличките
За спроведување на забраната ќе има засилени контроли на местата каде што шумските патишта се вкрстуваат со регионални и општински патишта.
Полицијата и противпожарните служби ќе патролираат во шумските подрачја и ќе ги отстрануваат лицата кои ќе бидат затекнати во зоните каде што е забрането движењето. Исклучок се членовите на доброволните организации кои учествуваат во активности за заштита од пожари.
Надлежните ќе ги евидентираат и регистарските таблички на возилата забележани во шумските подрачја.
За непочитување на забраната е предвидена административна казна од 300 евра, а за контролата и санкционирањето се задолжени полицијата, противпожарната служба, шумската служба и комуналната полиција.
Од областа Халкидики апелираат до жителите и туристите да ја почитуваат мерката, која има цел да се спречи избувнување и ширење шумски пожари во период со висок ризик.






