Поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами, кој утрово по повеќе од една година бегство им се предаде на органите на прогонот, освен со тековното судење се соочува и со уште четири постапки за злоупотреба на службената положба и овластување, потврдија од Обвинителството.
Од Основното јавно обвинителство Скопје велат дека против Бајрами веќе е поднесено обвинение и дека судската постапка е во тек.
„По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје против обвинетиот се води судска постапка. За него, по предлог на јавен обвинител, веќе е определена мерка притвор која е активна“, велат од Обвинителството.
Бајрами во оваа постапка е обвинет за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Но, од Обвинителството откриваат дека ова не е единствената постапка што се води против поранешниот директор на Државната лотарија.
„Дополнително, во ОЈО Скопје во тек се уште четири постапки против него за истото кривично дело во кои се прибираат докази и се вршат вештачења“, соопшти Обвинителството.
Бајрами утрово во 5:35 часот сам и пеш се пријавил кај надлежните органи, по повеќе од една година во бегство. По него претходно беше распишана мерка „апси“, а по потврдувањето на мерката тој бил лишен од слобода и треба да биде спроведен пред надлежните органи.
Тој е првообвинет во предметот поврзан со Државната лотарија, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Судската постапка против Бајрами започна додека тој беше недостапен за органите на прогонот.
Со неговото предавање, Бајрами сега е достапен за постапката, а активна е и претходно определената мерка притвор.
Судењето за случајот „Државна лотарија“ продолжува во петок.






