Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители бараат од Уставниот суд итно да ги стави на дневен ред и да ги разгледа поднесените иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители, како и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители.
Со одлука на Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители се изразува сериозна загриженост заради непостапувањето на Уставниот суд по поднесените иницијативи, со што не само што се доведува во прашање самостојноста на Јавното обвинителство и принципите на владеење на правото, туку и се создава сериозен диспаритет помеѓу судската и јавнообвинителската функција, што е во спротивност со европските и меѓународните стандарди.
За јавнообвинителската фела нема никакво двоумење во поглед на оправданоста на поднесените иницијативи, уште повеќе што и самиот Уставен суд во своето решение со кое одлучил да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на овие законски решенија навел дека:
“…Неспорно е дека уредувањето на платите е законска материја и законодавецот има право да ја уредува висината на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавни обвинители, но Судот изрази сомнеж дека, законодавецот, со намалувањето на коефициентите за пресметување на платите на јавните обвинители и членовите на Советот на јавните обвинители, навлегол во уставно загарантираната независност и самостојност на јавното обвинителство, а го доведува во прашање и остварувањето на правото на вработените на соодветна заработувачка од член 32 став 3 од Уставот, коешто произлегува од нивниот статус и создава обврска за државата преку законското уредување да обезбеди правен основ за негово остварување…”. Целосниот текст на ваквата одлука на Уставниот суд е достапен на следниот ЛИНК
Со оглед на вака заземениот став на Уставниот суд, за јавните обвинители е несфатливо секое одлагање на одлуката или доведување во прашање на принципите на независност и самостојност во постапувањето на јавното обвинителство, за кои Уставниот суд веќе се произнел и ги потврдил како неспорни.
Ставовите кои ги оспоруваат овие принципи се опасен преседан, кој не само што е спротивен на европските стандарди за владеење на правото, туку и се заканува да предизвика сериозен одлив на јавнообвинителски кадар и со тоа да го загрози нормалното извршување на јавнообвинителската функција.
Дополнително, потенцираме дека платите на јавните обвинители во државава и натаму се компаративно најниски од сите останати земји во регионот.
Сите овие состојби, придружени и со хроничниот недостаток на јавнообвинителска служба, буџет и основни услови за работа, создаваат апсолутно неодржлива ситуација која се заканува да го загрози функционирањето на обвинителството, а со тоа да се одрази директно врз остварувањето на правата и заштитата на граѓаните.
Очекуваме оваа состојба да биде нотирана и во претстојниот извештај на Европската комисија за земјава, како значително назадување и дополнително загрозување на самостојноста на Јавното обвинителство. Затоа бараме од Уставниот суд, по повеќе од 8 месеци од поднесувањето, да покаже слух за аргументите искажани во доставените иницијативи, кои се поткрепени и со компративни анализи од земјите во регионот и Европа, со што ќе ја исправи неправдата која му се нанесува на јавното обвинителство како еден од клучните столбови на правната држава.






