Учениците од Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ ја збогатија битолската празнична магија со својата традиционална новогодишна приредба, дел од овогодинешната манифестација „Зимска приказна“.

На сцената во Центарот за култура, малите уметници ги оживеаја „Новогодишните желби на Анабел“ – приказна за мало теле што стана ирвас и момче кое повторно го најде својот глас, емотивна порака за добрината, надежта и љубовта.

Преку театарската игра и уметничките настапи, учениците посочија дека празниците се време не само за желби, туку и за дарување. „Да бидеме поддршка, да бидеме насмевка, да бидеме ѕвездена светлина. Нека оваа празнична приказна потсетува на вистинските вредности и ни дава верба во чудеса“, порачаа младите актери.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој заедно со директорката Драгана Кирковска доби благодарница, новогодишна честитка и украс изработени од учениците, како знак на признание за нивниот труд и посветеност.








