На 20 декември, со почеток во 18 часот, Крушево официјално ќе го започне одбележувањето на новогодишните и божиќните празници со настанот „Новогодишен шепот на крушевската чаршија“, кој ќе донесе празнична атмосфера во срцето на градот.
Настанот го организира здружението Културен Манифест, со поддршка на Општина Крушево, неформална група на граѓани, Локалниот младински совет и бројни компании и бизниси од регионот. Иницијативата има за цел да ја збогати културно-туристичката понуда на Крушево во празничниот период.
Програмата започнува со музичко-сценска изведба во 18 часот, по што ќе следи свечено осветлување на крушевската чаршија, отворање на новогодишниот базар и пристигнување на Дедо Мраз. За музичката забава ќе се погрижи составот „Балкан Џем“.
Организаторите посочуваат дека особеноста на овој настан е тоа што произлегува од граѓанска иницијатива – идеја на поединци и неформални групи, кои со поддршка од локалната заедница и бизнис секторот успеале да обезбедат широка логистичка и финансиска поддршка.
„Новогодишен шепот на крушевската чаршија“ ќе понуди богата празнична програма и ќе трае до 6 јануари, со што Крушево ќе се позиционира како празнична дестинација и во текот на целиот период на новогодишните и божиќните празници.
Меѓу спонзорите на настанот се: Хотел Монтана, Панорама Хотел и Спа, Panorama All Seasons Adventure, Аутомобиле СК, Симпекс, Витаминка, Секе, Тагас-Балкан, Спомен-куќа „Тодор Проески“, НУ ЦК „Десет дена Крушевска Република“, Пицерија „Скар“, Бутик-хотел „Свети Никола“, Вети-Комерц, Casa di liliche, ТИХЕ, Инен-декор, Банана-кик, Крушевска одаја, When in Krushevo, Инфо-лимб, СтироАрт, Конак Хилтоп, Vila di Munte и Вила Крушево Инн.
Дизајнот на визуелниот идентитет е на Теано Кардула.







