Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска сподели дека улицата „8 Март“ во Дебар Маало ќе добие ново урбано катче за дружење, одмор и рекреација.
Во објавата на Фејсбук, Герасимовски информираше дека во тек е уредување на мини пјацета со ново зеленило, современо осветлување и урбана опрема.
Проектот предвидува и пристапна рампа за полесно и побезбедно движење на лицата со попреченост и сите граѓани кои користат помагала за движење.
„Општина Центар продолжува да создава поубави, позелени и пофункционални јавни простори за жителите, а во наредниот период се планира уредување и на нови маалски пјацети на повеќе локации низ општината“, порача градоначалникот.








