Поставувањето стоп-светла на предниот дел од возилата може значително да го намали бројот на сообраќајки, покажува нова студија спроведена од австрискиот Технички универзитет во Грац (TU Graz). Според симулациите базирани на реални несреќи, воведувањето ваква визуелна индикација на предниот дел на автомобилите може да го намали бројот на судири за 7,5 до 17 проценти.
Истражувачите анализирале 200 реални сообраќајни незгоди, кои потоа биле реконструирани со компјутерски симулации. Во сценаријата каде што било предвидено возилото да има предно стоп-светло, забележано е значително побрзо реагирање кај останатите учесници во сообраќајот – фактор кој може да направи разлика меѓу избегната и фатална несреќа.
Иако ваквите светла не можат целосно да ги спречат сите судири, симулациите покажуваат дека во 25% од случаите тие го намалиле интензитетот на ударот и сериозноста на повредите.
Потреба и од странични стоп-светла
Во приближно една третина од анализираните случаи, истражувачите утврдиле дека возачите не би можеле да го забележат предното стоп-светло поради аголот на гледање. Затоа, како дополнителна безбедносна мерка, се предлага и вградување на странични стоп-светла на новите модели на возила.
За разлика од други безбедносни иновации, како гломазните браници од 70-тите или првите воздушни перничиња, предните и страничните стоп-светла нема да претставуваат дизајнерски предизвик, ниту ќе влијаат врз изгледот на возилото, тврдат истражувачите.
Позитивни реакции од возачите
Уште една студија, спроведена во Словачка, потврдува дека технологијата е не само лесна за користење туку и корисна во реални услови. Во период од 6 до 11 месеци, вкупно 3.072 автомобили биле опремени со предни стоп-светла. На крајот на тест периодот, дури 75% од возачите изјавиле дека ја поддржуваат идејата за вградување на вакви светла во новите автомобили.
Иднината на безбедноста?
Додека третото стоп-светло на задниот дел на автомобилите, воведено пред 40 години, веќе има спасено безброј животи, сега се поставува прашањето – дали предните и страничните стоп-светла се следниот чекор во еволуцијата на автомобилската безбедност?
Преземено од Автоплус.мк









