Во Србија од 1 јули стапуваат во сила нови, повисоки републички административни такси, кои ќе важат за голем број услуги што граѓаните и компаниите ги користат пред државните институции. Зголемувањето е резултат на редовното годишно усогласување со инфлацијата, предвидено со српскиот Закон за републички административни такси.
Според новиот тарифник, основната републичка административна такса ќе изнесува 430 динари, додека цените за различни уверенија, потврди, дозволи и други административни постапки ќе бидат повисоки во однос на досегашните.
Најголем дел од административните услуги ќе поскапат согласно годишниот индекс на потрошувачките цени, пресметан за периодот од 1 мај 2025 до 30 април 2026 година. За дел од таксите воведени со законските измени на крајот на 2025 година, усогласувањето е направено за пократок период.
Новите износи ќе се применуваат за повеќе од сто различни административни постапки во Србија, меѓу кои издавање уверенија, потврди, лиценци, согласности, дозволи и други документи што ги издаваат министерствата, државните агенции и останатите институции.
Иако најчесто користените услуги ќе поскапат за неколку десетици или стотици динари, кај специјализираните дозволи за деловниот сектор таксите достигнуваат и неколку десетици илјади динари. Највисоката административна такса според новиот ценовник во Србија надминува 1,13 милиони динари.
Српските власти посочуваат дека ваквото годишно усогласување е редовна законска обврска и има цел административните такси да се прилагодат на растот на трошоците и инфлацијата.








