Од денеска, 12 јуни 2026 година, во Европската Унија започнува примената на новиот Пакт за миграција и азил голем пакет реформи со кој ЕУ воведува построги правила за управување со миграцијата, побрза обработка на барањата за азил и поефикасни постапки за враќање на лицата кои немаат право на престој.
За македонските граѓани кои патуваат легално како туристи, за бизнис, посета или краток престој во Шенген-зоната, Пактот сам по себе не воведува нова виза. Но, промените се дел од поширок систем на засилена контрола на надворешните граници на ЕУ.
Пактот за миграција и азил: построги проверки за нерегуларни влезови
Новите правила предвидуваат задолжителен скрининг, идентификација, здравствени и безбедносни проверки за лица кои нелегално влегуваат во ЕУ или бараат азил на надворешните граници.
За граѓаните од земји кои во дел од европските држави се третираат како безбедни земји на потекло, барањата за азил најчесто се разгледуваат побрзо и построго. Тоа значи дека евентуалната злоупотреба на азилниот систем станува сè потешка и поризична.
EES: печатите во пасошот се заменуваат со дигитална евиденција
Директна промена за македонските патници е Entry/Exit System, познат како EES, кој е целосно оперативен од 10 април 2026 година во земјите од Шенген-зоната.
Со овој систем, при влез и излез од Шенген се бележат податоците од пасошот, датумот и местото на премин, фотографија од лицето и отпечатоци од прсти. Класичните печати во пасошот постепено се заменуваат со дигитална евиденција.
При првото патување по новите правила, постапката може да трае подолго поради земањето биометриски податоци. При следните патувања, контролата треба да биде побрза, бидејќи податоците веќе се во системот.
Правилото 90/180 дена ќе се следи автоматски
EES автоматски го следи дозволениот престој од најмногу 90 дена во период од 180 дена за патници кои немаат виза за краток престој.
Тоа значи дека веќе нема простор за „математики“ со печати во пасошот. Ако патник го надмине дозволениот престој, системот ќе го регистрира прекршувањето. Во зависност од земјата и околностите, може да следуваат казни, одбивање влез или забрана за повторен влез во Шенген зоната.
ETIAS се очекува кон крајот на 2026 година
Следната голема промена е ETIAS – електронско одобрение за патување за државјани на земји кои патуваат без виза во Шенген-зоната, меѓу кои се и македонските граѓани.
Системот треба да започне во последното тримесечје од 2026 година. Точниот датум сè уште треба официјално да биде објавен.
Кога ETIAS ќе стане активен, патниците ќе треба пред патување онлајн да пополнат апликација. Одобрението ќе биде поврзано со пасошот и ќе важи до три години или до истекот на пасошот. Таксата е 20 евра, со исклучоци за одредени категории патници.
Важно е да се нагласи дека ETIAS не е виза, туку претходно електронско одобрение за патување. Без него, откако системот ќе стане задолжителен, патникот нема да може да започне патување кон земјите за кои се бара ETIAS.








