Климатските промени сè посилно удираат врз две од најважните работи за човекот – храната и водата. Високите температури, долгите сушни периоди, намалените водни ресурси, но и поројните дождови и поплавите, директно влијаат врз земјоделското производство, наводнувањето и достапноста на вода за пиење.
Последиците не остануваат само на нивите и во водните акумулации. Кога има помалку вода за земјоделството, се намалува и можноста за производство на храна, а со тоа се зголемува ризикот од повисоки цени на пазарите. Истовремено, високите температури и екстремните временски услови сè повеќе влијаат и врз здравјето и секојдневниот живот на луѓето.
Професорот Ристо Цицонков вели дека зад овие промени стојат климатските промени, чиј главен двигател во последните децении се човековите активности.
– Мал е просторот тука да се опишат сите штетни влијанија што тие ги прават на природата и на животот на луѓето – вели Цицонков, посочувајќи дека климатските промени често се спомнуваат, но голем дел од луѓето сè уште не се доволно упатени како настануваат и како може да се намалат нивните последици.
Според него, климатските промени се резултат на човековите активности, особено на развојот и експанзијата на индустријата во последните 150 години, но и на начинот на живот. Испуштањето на големи количества стакленички гасови во атмосферата ја нарушува природната рамнотежа и го засилува ефектот на стаклена градина. Овој ефект е природен процес кој овозможува Земјата да има услови погодни за живот, но проблемот настанува кога концентрацијата на стакленичките гасови станува преголема и се задржува повеќе топлина во атмосферата.
Според Цицонков, најголем удел во глобалното загревање има јаглеродниот диоксид со 76 проценти, потоа метанот со 16 проценти, азотниот оксид со 6 проценти флуорираните гасови со 2 проценти.
– Концентрациите на овие гасови значително се зголемиле во однос на прединдустрискиот период. Во 2025 година концентрацијата на јаглеродниот диоксид достигнала 426,4 ppm, што е за 51 отсто повеќе од нивото во 1850 година. Кај метанот зголемувањето е 165 отсто, а кај азотниот оксид 25 отсто – се вели во неговата анализа.
Порастот на температурите директно влијае врз водните ресурси. Подолгите суши го намалуваат нивото на реките, акумулациите и подземните води, а потребата од вода за наводнување расте токму кога ја има најмалку. Овие промени директно го погодуваат земјоделството – високите температури и недостигот од вода ги намалуваат приносите, го влошуваат квалитетот на производите и ги зголемуваат трошоците за наводнување и заштита на посевите. Помалото домашно производство значи поголема зависност од увоз и зголемување на цените на храната, особено кај овошјето и зеленчукот, но и кај сточарското производство.
Според податоците што ги наведува Цицонков, глобалната температура е повисока за околу 1,44 Целзиусови степени, а во јужна и западна Европа затоплувањето достигнува околу 2,5 степени. Повисоките температури носат почести топлотни бранови, потешки услови за работа и поголема потреба од разладување, што дополнително го оптоварува секојдневниот живот на луѓето.






