домаМакедонија„Ниту еден обвинет не смее да биде спасен од бавноста на системот“,...

„Ниту еден обвинет не смее да биде спасен од бавноста на системот“, порачаа родителите

- Advertisement -spot_img

Првообвинетиот за пожарот во „Пулс“, Дејан Јованов, на почетокот од октомври ќе мора да биде пуштен од притвор, бидејќи истекува законскиот рок од една година од оцената на обвинителниот акт. Од Кривичниот суд потврдуваат дека му е продолжен притворот до 3 октомври 2026 година, по што, по службена должност ќе му бидат определени други мерки за претпазливост. Јованов е во притвор од трагедијата во Кочани, а обвинителниот акт е оценет на 3 октомври 2025 година. Според Судот, согласно со законските одредби, притворот може да трае најмногу една година од оцената на обвинението.

– Со цел да се обезбеди непречено присуство во понатамошниот дел од судската постапка, Судот по службена должност, по истекот на законскиот рок за мерката притвор, определува дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на обвинетиот – велат од Кривичниот суд.

Но, додека сè уште трае судскиот процес за една од најтешките трагедии во земјата, доказната постапка на Обвинителството е прикрај, по што ќе следува онаа на одбраната, семејствата на загинатите стравуваат дека истекувањето на роковите повторно ќе покаже дека системот е побавен од последиците на трагедијата.

– Ние, родителите на децата што ги загубивме во најстрашната ноќ за Кочани, нема мирно да гледаме како истекуваат законските рокови, додека системот повторно доцни. За нас, ова не е прашање само на еден притвор или на еден човек. Ова е прашање дали државата, конечно, ќе покаже дека 63 загубени животи значат нешто повеќе од рок, член и процедура – вели Александар Наунов, татко на една од загинатите и претседател на Здружението „16 март 2015 година Кочани“.

Од Здружението бараат институциите да реагираат доколку постојат сознанија за други кривични дела и законски основи за постапување против Јованов или кој било друг обвинет.

– Не кога ќе истече рокот. Не кога ќе излезе од притвор. Не кога повторно ќе биде предоцна. И ова не се однесува само на него. Ниту еден обвинет не смее да биде спасен од бавноста на системот – порача Наунов.

Во меѓувреме, бројот на обвинети што се под најстроги мерки значително се намалува. Тодор Јованов, брат на првообвинетиот, кој кобната ноќ продавал билети, веќе има укинат куќен притвор и гаранција од 319.154 евра во недвижен имот. За обвинетиот Беким Хаџиу е определена гаранција од 849.602 евра, исто така во недвижен имот. Во моментов, активна мерка куќен притвор имаат Јане Јанчевски и Ивица Гроздановски. Кај Јанчевски е прифатена гаранција од над 33.000 евра и по впишувањето на хипотеката, ќе биде пуштен од куќен притвор со дополнителни мерки за претпазливост. На Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев и на Стојанчо Димитриев куќниот притвор им е заменет со мерки за претпазливост, додека поранешниот главен инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, Љупчо Грнчиштаров, почина додека беше во куќен притвор.

За семејствата на загинатите, сепак, прашањето не е само кој ќе биде во притвор туку и дали сите што придонеле за трагедијата ќе понесат одговорност.

– Зашто зад оваа трагедија гледаме години на пропусти, молчење, дозволување и непостапување. Не обидувајте се со бавноста на системот да ни ја одземете и надежта во правдата – порача Наунов.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 16 март 2025 година, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Обвинителството на сите обвинети им става на товар едно исто кривично дело – тешки дела против општата сигурност, и тоа за ставот што се однесува на непостапување на службени лица за заштита од несреќи. Обвинението ги третира сите 34 обвинети како соизвршители, бидејќи дејствувале со заедничка умисла, иако непостапувањата биле во различни временски периоди. Уште на почетокот се предвидуваше долг и макотрпен процес, а тоа го потврди и одбраната со најавата на обемни, вербални и материјални, докази против обвинението. (П. А.)

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img