СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ф.Ѓ. (58) од Ресен, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, во текот на 2026 година, таа како в.д. директор на Јавната установа Национален парк „Галичица“ – Охрид, со пропуштање на должен надзор овозможила изведување активности на спорна локација. Воедно, склучила договор за соработка со приватно претпријатие од Охрид за тампонирање на катастарска парцела за која немало соодветна урбанистичка документација, ниту одобрен инфраструктурен проект.
Дополнително, станува збор за простор кој се наоѓа во заштитен појас од 50 метри, каде што општина Охрид има донесено времен мораториум за било какви градежни активности, согласно планот за управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион.
Со ваквите дејствија, според надлежните, била нарушена законитоста и овозможено изведување активности спротивни на важечките прописи.
По целосно документирање на случајот, против пријавената ќе следува понатамошна постапка.








