Во Кинотеката на Македонија, од 30 март до 4 април, ќе се одржи Неделата на франкофонски филм. И годинава, оваа манифестација традиционално ја организираат Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во нашата земја, во соработка со амбасадите на земјите членки на Меѓународната организација на Франкофонијата (Белгија, Грција, Швајцарија, Франција, Канада, Албанија и Романија).
Неделата на франкофонски филм ќе почне в понеделник, во 20:00 часот, со проекцијата на филмот „Склоност кон пораз” на Лени и Арпо Гит, за која влезот е слободен. Манифестацијата ќе ја отворат Пол Ламбер, амбасадорот на Белгија во Софија, и францускиот амбасадор во Македонија, Кристоф ле Риголер.
Следуваат проекциите на филмовите: „Кога доматите се сретнаа со Вагнер“, документарец на Маријана Економу, (31 март, 20 ч.), „Тивок бунт” на Мари-Елса Сгуалдо (1 април, 20 ч.), „Приказната за Сулејман“ на Борис Лојкин (2 април, 20 ч.), „Родео” на Жоел Дежарден Пакет (3 април, 20 ч.), и „Приказна од минатото“ на Димитер Анагности (4 април, 18 ч.). Со филмот „Марија, кралицата на Романија“, на 4 април во 20 часот, ќе се затвори Неделата на франкофонскиот филм.
Сите филмови се со превод на македонски јазик, а за дел од филмовите од нефранкофонско говорно подрачје е обезбеден и превод на француски јазик.








